Search

Синдикатот на „Еуроникел индустри“ бара поддршка од повеќе субјекти за спас на фабриката

Синдикатот на „Еуроникел индустри“ денеска јавно бара поддршка од повеќе субјекти за спас на фабриката со околу 800 работници. Во присуство на целиот синдикален одбор, дадени се неколку предлози.

– Ние како синдикален одбор итно бараме прием и средба со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, со цел да се побара поддршка за изнаоѓање на решение за нашата компанија во која сме вработени и нејзино понатамошно функционирање, информираше за МИА, Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација.

Бараат средба и со директорот на една од банките или нејзини претставници како најголеми доверители и директно вклучени во моменталните процеси кои се случуваат со компанијата, за информација од нивна страна за нивните планови со компанијата, како и за евентуални нови инвеститори, кои би ја преземале компанијата и би го овозможиле нејзиното работење.

Се бара и итна средба со градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев и народните избраници од општината, за да добијат информации од нивна страна со кои тие располагаат и да се побара поддршка, за изнаоѓање на решение за компанијата, која е од огромно економско значење за самата општина, затоа што најголемиот дел од вработените се нејзини жители.

– Доколку не наидеме на разбирање и прием од наведените институции ние како СО на „Еуроникел индустри“ заедно со нашите вработени, ќе бидеме принудени да преземеме непопуларни мерки како протести и разни блокади на институции и патишта, а се со цел да се избориме за функционирање на компанијата и обезбедување на нашата егзистенција, додаде Ѓорѓиев. 

Треба да знаете
Последни објави