Search

Пестицид против стеници усмрти брачен пар во познато одморалиште во Египет

Британски брачен пар на кој ненадејно му се слошило во хотелската соба во одморалиште во Египет, починал од труење со јаглерод моноксид, откако соседната соба била испрскана со пестицид против стеници, соопшти денеска судскиот лекар. Џон Купер (69) и неговата сопруга Сузан (63) од Барнли, уживале во одмор додека престојувале во хотел во одморалиштето Хургада на Црвеното Море во 2018 година.

Мајката на три деца Кели Ормерод, ќерката на брачниот пар, била на одмор со нив, нивните три внуци и семејните пријатели. Околу ручекот, на осмиот ден од нивниот одмор, собата до Купер била испрскана со пестицид познат како „Ламбда“ поради присуството на стеници. Препаратот бил забранет, освен за ограничена индустриска употреба во Велика Британија и Европската унија во 2012 година, а САД треба да го забранат следната година. Истрагата покажа дека на собата до Купер имало селотејп околу вратата.

Во вечерните часови парот се вратил во својата соба да спие. Нивната внука Моли, тогаш 12-годишна, почнала да се чувствува лошо. Во раните утрински часови дедото ја однел до собата на нејзината мајка – што подоцна се испоставило дека и го спасило животот на девојчето. Следното утро ќерката им тропнала на врата на родителите затоа што не се појавиле на појадок. Затекнала дека татко и и мајка едвај се движат и дека се во тешка состојба. Таткото бил прогласен за мртов на местото на настанот, а нејзината мајка починала неколку часа подоцна во болница.

„Има огромна празнина во нашите животи и мислам дека нашето семејство никогаш нема целосно да се помири со загубата на мама и тато. Тие беа витални и здрави и да не се знае како умреа беше исклучително тешко“, рече нивната ќерка.

Адвокатот кој го застапува семејството рече: „Шокантно е и длабоко вознемирувачки да се дознае дека парот починал од пестициди кои биле прскани во соседната соба, што довело до труење со јаглерод моноксид“. „Сега е од најголема важност да се извлечат поуки за да се осигураме дека ваква трагедија нема да им се случи на идните туристи“, заклучи адвокатот на семејството.

Треба да знаете
Последни објави