Search

ЕК забележува несоодветни услови при „упатување во Воспитно-поправен дом“ и во извештајот за 2023

Треба да се измени законодавството за да се изнајдат погодни решенија за воспитно-поправните мерки за девојчињата. Во Воспитно-поправниот дом во Волковија се сместуваат само момчиња, а во отсуство на женски оддел, не постои долгорочна одредба за законско образование за девојчињата, нотира Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија.

Во делот кој се однесува на основните права, каде се сместени и правата на децата, ЕК и оваа година ги даде препораките за овој проблем што во јавноста го откри МИА во 2021 година, во серијата стории кои ги работеше во соработка со платформата „Само прашај“ на Институтут за комуникациски студии, а се однесуваа на условите во кои се сместуваат децата кои дошле во судир со законот и на кои им е изречена мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“, како и за правата што таму ги остваруваат. 

Преку сториите, МИА откри дека во Воспитно-поправните установи во земјава нема образовен процес веќе подолго време, иако, според закон, е задолжителен, и дека девојчињата кои ја издржуваат оваа мерка, за разлика од момчињата, се сместени во несоодветни услови во адаптирана соба во ходник во рамките на КПУ Идризово во непосредна близина на возрасните осуденички. Откако го објави серијалот стории, МИА постојано ја следи состојбата и во однос на образованието на малолетниците упатени во ВПД, за кои, според последните информации, ниту годинава не започна првиот училишен ден. 

null

Во Извештајот на ЕК се посочува дека е потребен редовен мониторинг и инспекција на Воспитно-поправниот дом во Тетово и затворот во Охрид, за да се осигура дека властите обезбедуваат соодветна заштита и други услуги за децата кои се таму.

– Пристапот до правдата и правното застапување сè уште е несоодветен, како што е и капацитетот на јавните службеници вклучени со деца жртви, деца сведоци и деца, вкупно 37, кои се во судир со законот. Професионалците за малолетничка правда треба да преземат поконзистентен меѓусекторски и рационализиран пристап за спроведување на правната рамка, стои во извештајот. 

Како позитивен исчекор го посочуваат новиот Закон за правда за деца кој беше донесен во согласност со меѓународните стандарди и правото на ЕУ, вклучувајќи ја и Директивата за процедурални заштитни мерки за децата кои се осомничени или обвинети лица во кривичната постапка. 

– Управувањето со детската правда беше подобрено со усвојувањето на стратегијата за правда за децата 2022-2026 година и акциониот план 2022-2023 година, со што дополнително се промовираат алтернативни мерки за старателство и ресоцијализација на децата. Има потреба од конкретни мерки за поддршка на давателите на судска обука и на сите релевантни стручни тела за да се осврнат на правата на детето и достапна правда во нивните активности, велат од Европската Комисија.

Ова е втор извештај во кој Европската Комисија повторно укажува на истите проблеми во врска со регулативата и условите во кои децата ја издржуваат мерката „упатување во „Воспитно-поправен дом“.

Треба да знаете
Последни објави