Search

Вашингтон се противи на израелската „повторна окупација“ на Газа

Вашингтон денеска соопшти дека се противи на нова долгорочна израелска окупација на Појасот Газа, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека сака Израел да преземе „целосна одговорност за безбедноста“ на територијата по војната.

„Ние веруваме дека Палестинците треба да бидат во центарот на тие одлуки, Газа е палестинска територија и ќе остане палестинска територија“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Вендант Пател, пренесува Бета-Франс прес.

„Генерално кажано, ние не ја поддржуваме повторната окупација на Газа, а не ја поддржува ниту Израел“, рече тој.

По 38 години окупација на Газа, Израел еднострано ги повлече своите војници и колонисти во 2005 година.

Израелската влада ја блокираше територијата откако исламистичкиот Хамас ја презеде власта во 2007 година.

Вашингтон признава дека е невозможно да се врати „статус кво анте“ ситуацијата што постоеше пред нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври.

„Израел и регионот треба да бидат обезбедени, а Газа не треба и не може повеќе да биде база од која ќе се вршат терористички напади против жителите на Израел или кој било друг“, додаде Пател.

Нетанјаху синоќа изјави дека Израел ќе ја преземе севкупната одговорност за безбедноста на палестинската територија „на неодредено време“ по војната што моментално ја води, со цел, како што рече, да го спречи повторното оживување на Хамас.

Израелските сили ја бомбардираат Газа и ја засилија копнената офанзива на територијата како одговор на крвавиот напад на 7 октомври во кој според Израел загинаа најмалку 1.400 луѓе, главно цивили. Повеќе од 10.000 Палестинци загинаа во Газа во израелската воена реакција.

Треба да знаете
Последни објави