Search

Прва Ренална експертска академија со врвни експери за нефрологија и бубрежна нега од Северна Македонија и од Шведска

Во Скопје денеска ќе се одржи првата Ренална експертска академија. Академијата е долгорочен заеднички напор на Северна Македонија и Шведска за размена на искуства помеѓу експерти од нашите земји, чии кодомаќии се Министерството за здравство на Северна Македонија и Амбасадата на Шведска.

Како што соопшти прес-службата на шведската Амбасада, на Академијата ќе учествуваат врвни експерти за нефрологија и бубрежна нега и од Северна Македонија и од Шведска, со цел да разговараат за здравствните предизвици на хроничната бубрежна болест која ги засега милиони пациенти и здравствените системи ширум Европа.

Првата од ваков вид Ренална експертска академија ќе биде отворена со поздравни обраќања од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити, амбасадорката на Шведска  Ами Ларсон Џаин и Ане Јохансен, претставник на Светската здравствена организација во земјата.

Учесниците – лекари по нефрологија и медицински сестри за бубрежна нега, како и претставници од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – ќе истражуваат одржливи модели на третман и превентивна нега, ќе разговараат за упатствата и моделите за надомест за одржлива здравствена заштита, ќе ги споделат најдобрите практики од Северна Македонија и Шведска кои во фокусот го имаат пациентот и ќе разменуваат идеи за иднината на една одржлива бубрежна нега, се наведува во соопштението.

Меѓу експертите кои ќе се обратат на панелот се: д-р Хакан Хедман, претседател на Шведската бубрежна асоцијација, член на одборот на Европската федерација за бубрежни пациенти (EKPF), член на управувачката група на Универзитетскиот центар во Гетеборг за грижа, која во фокус го има пациентот, почесен доктор по медицина на Универзитетот во Гетеборг.

Учесници се и д-р Андерс Фернстром, претседател на шведското здружение за нефрологија, вонреден професор, доктор, раководител на Одделот за нефрологија во Универзитетската болница во Линшопинг; д-р Питер Стенвинкел, професор, раководител на Одделот за ренална медицина, Оддел за клиничка, наука, интервенција и технологија – Универзитетска болница Каролинска; д-р Гоце Спасовски,  претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи  и д-р Фернандо Макарио, главен медицински директор во Дијаверум.

Треба да знаете
Последни објави