Search

Милатовиќ ја осуди изјавата на Додик за создавање на единствена Србија во која би била вклучена и Црна Гора

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ја осуди изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик дадена за руски „Спутник“ со која повикува за создавање на единствена држава на Србите.

-Тоа е лоша изјава и ја осудувам. Црна Гора ја заокружи својата државност и го трасира евроатлантскиот пат. Со нетрпение очекуваме Босна и Херцеговина да се приклучи на тој пат, рече Милатовиќ во Подгорица одговарајќи на новинарско прашање на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Додик во единствената држава Србија гледа со приклучување на Република Српска, Косово и Црна Гора.

-Го потсетуваме Додик дека Црна Гора е независна и меѓународно призната земја, членка на НАТО, фокусирана на европската иднина, а не на ретроградни идеи, кои живеат благодарение на националистичката реторика и аспирациите на одредени политичари од регионот, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Црна Гора.

Од партиите на новото парламентарно мнозинство се огласија само демократите кои за подгорички „Вијести“ соопштија дека „ваквите изјави се на ниво на фатаморгана“. Останатите партии, Движењето Европа сега, партиите на поранешниот проруски Демократски фронт, Социјалистичката народна партија и албанските национални партии, не реагираа на изјавата на Додик.

Треба да знаете
Последни објави