Search

Битиќи се сретна со новиот регионален директор на Француската агенција за развој Арно Дофен

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи оствари средба со новиот регионален директор на Француската агенција за развој Арно Дофен.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, присуствуваа Максим Лебовиц, заменик на регионалниот директор, претставничката надлежна за Северна Македонија и за Косово Мелани Маленво и францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Се дискутирало за соработката на Владата со Француската агенција за развој и за можностите за соработка со Француската агенција за развој и Македонската развојна банка.

– Се разговараше и за Програмата за енергетска ефикасност на Јавни згради, финансирана и преку Зелениот климатски фонд, односно за поефикасното искористување на финансиските средства кои и стојат на располагање на Северна Македонија, за што во првата фаза се предвидени 5 милиони евра како грант средства и 22 милиони евра поволни кредити, се вели во соопштението.

Вицепремиерот Битиќи и Дофен разговараа и за можноста за проширување на програмата со вклучување на единиците на локалната самоуправа во проектите за енергетска ефикасност, преку одвојување на финансиски средства наменети за индивидуални станбени објекти и згради, а преку програмата беше побарано од Битиќи да бидат опфатени и наши граѓани од најранливите категории.

Регионалниот директор на Француската агенција за развој Дофен го информираше вицепремиерот Битиќи дека Агенцијата досега има алоцирано средства во износ од една милијарда евра за проекти во регионот во секторите енергетика, транспорт, пречистителни станици, отпад, општинска инфраструктура и за поддршка на Развојните банки и изрази поддршка од Агенцијата за нашата земја.

Адаптацијата и отпорноста на инфраструктурата кон климатските влијанија се еден од најголемите предизвици во справувањето со климатските промени. Зградите се одговорни за речиси 40 отсто од емисиите на стакленички гасови поврзани со енергијата и се очекува употребата на енергија за ладење на просторот да се удвои до 2040 година. Земјите итно треба да ги намалат емисиите што ја менуваат климата и да се прилагодат на зголемените температури и другите климатски влијанија.

Од владината прес-служба информираат дека ќе продолжат со напорите за постигнување на целите за енергетска ефикасност, овозможување на мерки и активности за заштеда на електрична енергија, а со тоа и справување со влијанијата од глобалната енергетска криза. 

Треба да знаете
Последни објави