Search

Костадиновска-Стојчевска: Соработката со Музејот „Ашмолеан“ ја зголемува достапноста на нашето културно богатство пред британската јавност

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска престојува во работна посета на Лондон, каде ќе присуствува и на настанот по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Во рамки на престојот, информираа денеска од Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска, придружувана од вршителот на работите во македонската амбасада во Лондон, Билјана Глигорова и од Славица Вајт, претседателка на Фондацијата „Трајковски“, денеска го посетила Музејот за уметност и археологија „Ашмолеан“ при Универзитетот во Оксфорд.

За време на посетата водичот Грахам Форбс ја запознал министерката за култура со историјатот и развојот на Музејот, како и со богатите колекции кои содржат различни предмети – од египетски мумии до примероци од современата уметност, експонати кои раскажуваат човечки приказни низ културите и низ времето.

Според Костадиновска-Стојчевска, „Ашмолеан“ е првиот универзитетски музеј, кој со својата околу четиривековна историја е една од најпознатите институции од ваков вид во светот со која Министерството за култура има потпишано меморандум за разбирање, кој отвора можности за реализација на повеќе проекти и иницијативи.

– Како резултат на таа соработка, девет теракотни икони, кои датираат од 5 и 6 век и се вбројуваат меѓу најексклузивните наоди во историјата на македонската археологија, пред пет години беа дел од големата изложба во организација на „Ашмолеан“, „Религијата во големите империи“, рекла министерката за култура.

Како што се наведува во соопштението, Костадиновска-Стојчевска истакнала дека изложбата која траеше шест месеци, предизвикала голем интерес во јавноста и е од исклучително значење за афирмација на македонското, но и на светското културно наследство.

Треба да знаете
Последни објави