Search

На Нетфликс му се исплати прекинувањето на политиката за делење на лозинки

Одлуката на Нетфликс да ја запре практиката на позајмување на лозинката за пристап до нејзината содржина што претплатниците ја споделуваа со своите пријатели се покажа како плодна за компанијјта. Како што пренесуваат западните деловни медиуми, вредноста на компанијата на берзата скокнала за 13 отсто во средата по објавувањето на финансискиот извештај за третиот квартал, кој покажа скок на бројот на претплатници за девет милиони. Ова е значително над очекувањата на аналитичарите кои очекуваа услугата за стриминг филмови и серии да го зголеми бројот на корисници за шест милиони.

Компанијата го затвори третиот квартал со 247 милиони корисници, 11 отсто повеќе од претходната година. На скокот на вредноста на акциите влијаеше и најавата на менаџментот на Нетфликс дека ќе ги зголемат цените на претплатата за основните и премиум пакетите во САД, Велика Британија и Франција. Одлуката е веќе стапена во сила. Така, претплатниците на основниот пакет во Америка во иднина ќе плаќаат 11,99 долари месечно или два долари повеќе.

Претплатниците на премиум ќе платат три долари повеќе или 22,99 долари. Цената на основниот пакет во Британија се зголемува за фунта, на 7,99 фунти, а на премиум пакетот за две фунти, на 17,99 фунти. Да потсетиме, минатата година, бидејќи го забави растот на бројот на претплатници, Нетфликс најави дека ќе го потисне споделувањето на пристапните шифри на луѓето кои не плаќаат претплата, а најавена е и опцијата за пристап до филмови кои ќе бидат прекинати со реклами.

Компанијата објави во средината на неделата дека напорите за ограничување на споделувањето шифри го поттикнале растот на претплатниците и приходите во изминатите два квартали и дека „одговорот за откажување“ е помал од очекуваното. На ова укажува и фактот дека растот на бројот на корисници во третиот квартал е најсилен од вториот квартал на 2020 година, кога на зголемувањето на бројот влијаеше пандемиското „заклучување“.

Скот Перди, медиумски аналитичар во консултантската фирма КПМГ, коментира за Фајненшл тајмс дека кварталните резултати покажуваат дека Нетфликс успеал да го спречи споделувањето лозинки, барем на краток рок. Сепак, компанијата најави дека воведувањето реклами во содржината оди побавно, повторувајќи ја претходната проценка дека приходите по овој основ нема да се „материјализираат“ во текот на оваа година.

Интересно е што Нетфликс постигна најголема гледаност на серии произведени од конкуренти со продажба на правото на прикажување. Така, серијата „Suits“ во продукција на NBCUniversal која престана да се прикажува во 2019 година, доживеа нова младост на Нетфликс. Собра милијарда часови гледаност на глобално ниво на таа платформа.

Треба да знаете
Последни објави