Search

Борел: Палестинците се жртви на Хамас и не може да бидат одговорни за постапките на таа организација

Хамас ги поткопува сите обиди за постигнување мир на Блискиот Исток и за ЕУ е терористичка организација која не сака мир, туку сака уништување. Палестинците се жртви на Хамас, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата за случувањата на Блискиот Исток. 

– Не можеме целиот палестински народ и сите жители на Газа да го сметаме за одговорни за терористичката акција на Хамас, додаде тој. 

Тој нагласи дека сите во ЕУ го осудува страшниот напад што го претрпе Израел врз цивилното население со толку многу мртви и ова се моменти кога мораме да се повикаме на гласот на разумот и да ги надминеме емоциите што овие трагичните настани ги предизвикуваат кај сите нас.

– Да повториме уште еднаш. Израел има право да се брани. Тоа отсекогаш го имал и секој што би бил нападнат на ваков брутален начин би имал право да се брани. Но, мислам дека сите сме обединети во ставот дека правото на одбрана, како и сите права, има граници. Во овој случај, тоа се границите поставени од меѓународното право и особено, меѓународното хуманитарно право, рече Борел. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој истакна дека ЕУ ги осудува овие страшни терористички напади, но исто така треба да ги осудиме цивилните жртви што се случуваат во Газа и кои сега достигнуваат 3.000.  

– Осудувањето на една трагедија не треба да не спречи да осудиме друга. Покажувањето на нашето сожалување кон загинатите, жртви на терористички напади, не треба и да не спречи да ги покажеме нашите чувства и кон другите загинати луѓе, додаде Борел. 

Според него, во овие трагични моменти Европската Унија својот одговор мора да го заснова на четири принципи – цврстина, хуманост, кохерентност и проактивен политички став кон овој конфликт. 

– Цврстината започнува со јасната осуда на Хамас. Хамас не може да се поистоветува со народот на Палестина. За нас Хамас е терористичка организација и тоа јасно го покажа со своите постапки во последните денови. Хамас ги поткопува сите обиди за постигнување мир и се спротивстави на резолуциите кои отворија пат за можен мировен договор меѓу Израел и Палестина. Хамас сака да исчезне Израел. Тој не сака мир, тој сака уништување, изјави Борел, додавајќи дека цврстината вклучува и барање за ослободување на заложниците.  

Според Борел, и војните имаат свои правила утврдени во меѓународното право, што води до вториот принцип – хуманоста.  

– Војните се страшни. Се уште не знаеме кому да му ја припишеме одговорност за масакрот во болницата, како уште едно од ужасните лица на војната. Но, и војните имаат свои правила. Тоа го кажавме во неколку наврати, мислејќи на прекинот на вода и основните потреби на населението, дека тоа не е во согласност со законот за војна, рече Борел. 

Тој истакна дека третиот принцип е политичката кохерентност, која се однесува на барањето меѓународното и хуманитарното право да се почитуваат од страна на сите и да прекинат нападите врз беспомошни цивили, каде и да се. 

Борел потсети дека ЕУ реши тројно да ја зголеми хуманитарната помош за Газа, но таа не може да стигне до нејзините жители бидејќи сите пристапни патишта се уште се затворени.  

– И четвртиот принцип, во кој можеби во овој момент треба да вложиме повеќе политичка енергија, е проактивниот став за решавање на овој конфликт. Се плашам дека, ако не го прекинеме циклусот на насилство, тоа ќе се повтори за уште неколку години, рече високиот претставник на ЕУ. 

Борел нагласи дека мора да се најде решение за „конфликтот меѓу Израел и Палестина“, бидејќи „мирот меѓу арапските земји и Израел автоматски не носи и мир меѓу Израел и Палестина“. 

– Како што изјави израелски воен резервист за медиумите: „Најмоќната армија што ќе ја брани мојата земја би бил мирот“. Се додека не се постигне мир, нема да има армија доволно моќна да го гарантира мирот на Израел, истакна Борел. 

Треба да знаете
Последни објави