Search

Кој ќе ни ги реновира становите ако сите станат програмери?

Социјалните мрежи се преплавени од платени огласи на ИТ едукативни центри кои нудат месечни, но и повеќегодишни курсеви. 

Програмирање, софтвер тестери, девелопери, но и човечки ресурси и регрутирање, се само дел од позициите за кои неколку приватни компании нудат курсеви и тие се однесуваат најчесто на преквалификација. 

Конкуренцијата во последните две години е огромна, па одредени компании нудат и вработување, веднаш по завршување на курсот. 

Можноста брзо да се пронајде работа, но и високите почетни плати, го прават овој сектор се повеќе примамлив за младите, но и за луѓето кои претходно имале своја кариера во некоја струка. 

Таков е случајот и со Ивана М. Од Скопје, дипломирана правничка која десеттина години работела во приватен сектор, но од неодамна посетува курс за софтер тестер. 

Очекувањата и се дека по завршувањето на курсот ќе успее да најде подобро платена, но и според неа, далеку поинтересна работа, од она што досега го работела.

Вели, дека во нејзината група има „студенти“ од различни категории, но и од различни возрасни групи и свесна е дека и конкуренцијата е голема, но е убедена дека во овој период има голема побарувачка за нејзината позиција и дека брзо ќе се вработи. 

Од друга страна пак, социјалните мрежи се преполни со објави од граѓани кои бараат препорака за некаков вид занаетчиски услуги.

Во Скопје последните години тешко се стигнува до молери, водоводџии, столари, плочкари, а особено барани се електричарите. 

И покрај тоа што занаетчиите ги прифаќаат новите трендови и се повеќе се присутни на социјалните мрежи, а некои од нив формираа и свои компании каде нудат повеќе услуги на едно место, сепак навременото пронаоѓање добар хаусмајстор се уште е сериозен предизвик за многумина. 

Таквиот „јаз“ придонесе некои занаетчии да нудат повеќе услуги, односно и да поправаат инсталации, да изведуваат молерски работи, па се до водоводџиски и столарски поправки.

Меѓу нив е Мустафа Ф од скопското село Сарај кој вели дека 20годишното искуство како хаусмајстор во едно основно училиште сега го користи пристојно да заработува и додава дека во текот на денот добива и повеќе од десеттина повици. 

Која „тезга“ ќе ја прифати, вели дека зависи од видот на ангажманот, потребното време работата да се заврши, но и од тоа дали локацијата каде треба да работи е блиску до неговиот дом и додава дека заработува и повеќе од пристојно и има слобода самиот да си го организира времето.

Новите времиња, развојот на технологијата, носат и нови приоритети кај младите, но во „двобојот“ програмери – занатчии, се чини дека економското правило на понуда и побарувачка, полека но сигурно оди во корист на занаетчиите, кои од година в година стануваат се помалку, а обемот им се зголемува правопропорционално како што расте градот. 

Треба да знаете
Последни објави