Search

Битиќи за 24инфо: Верувам во нашето едно општество и во силата на нашите различности

Периодов на политичката сцена е прилично раздвижено, во јавноста се присутни доста интересни теми и за таа цел редакцијата на 24инфо.мк до вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи испрати барање за став и одговори за повеќе актуелни прашања и политички теми. 

Неговиот писмен став изворно и без корекции го објавуваме во целост: 

Кога одлучив активно да се вклучам во политичкиот живот на државата, личната одговорност ја прифатив како основен вредносен принцип, политички ориентир кои ги поставува рамките на сите мои лични ставови, мислења или позиции, било тоа да е како потпретседател на СДСМ или пак како вицепремиер за економски прашања во Владата. 

Само на тој начин, длабоко сум уверен, можам подеднакво да им служам на сите граѓани и во тоа служење да не се затскривам зад припадности на различни колективи. За своите лични неуспеси никогаш не сум барал, ниту пак ќе барам, изговори во колективни припадности, било тоа да е партија или етничка заедница.  Затоа и не можам да прифатам да бидам дел од јавен дијалог, кој плуралноста на мислењата и различностите, ги сведува  на црно-бел свет, туркајќи го општеството во антагонизам помеѓу колективи,  кој може само да го разјадува, а не и да го унапредува. 

Моите лични вредносни стандарди имаат императивно значење, да не бидам активен чинител во развивањето  на јавна дебата која наместо да понуди уверливо толкување за политичките процеси, свесно е ставена во функција на развивање на медиумски простор во кој колективниот триумфализам треба да преовладува. Не можам да бидам дел или да потхранувам медиумска потрага по колективи кои ќе бидат непријатели или виновници за нечиј лични политички неуспех или компензации за отсуство на нечиј личен интегритет. Нема да бидам „храна“ за легитимирање на простор во кој ќе се развива шовинистичка и стигматизирачка јавна дебата за десничарски теми отворени и наметнати од групи на кои европските перспективи им се закануваат да ги турната на политичките маргини, да ги разградат и потопат во нивните политичките страсти и слабости. 

Затоа моето заминување од настанот во делот предвиден за изјави за медиуми, претставува чин на отпор кон развивањето на политички контекст кој гравитира кон колективизмот, а не кон развивање на личната одговорност на актерите на јавната сцена, било тоа да се политичари или други. 

Не дозволувам било кој да ме турка во живата кал на етноцентризмот, затоа што тоа ќе не доведе до институционален канибализам, на саморазјадување на мојата татковина. Вредностите ме обврзуваат да давам отпор против сите оние кои на мојата татковина Македонија, на нејзините успеси или неуспеси, гледаат низ колективни призма, а не низ самите себеси, низ својата подготвеност преку свој личен пример или напор нешто да променат на подобро. 

Постојат проблеми за кои треба да разговараме, постојат нејаснотии кои треба да ги разјасниме, постојат препреки кои треба да ги надминеме, но во сето ова може да успееме доколку на граѓаните им служиме преку свој личен пример, преку подготвеност да сносиме лична, а не, колективна одговорност.

Верувам во едно општество за сите, верувам дека во нашите различности можеме да пронајдеме витална енергија која ќе не води напред, која бенефициите од напредокот подеднакво ќе ги распределува помеѓу сите граѓани, независно од нивната етичка, верска или културна различност.

Различностите не ги разбирам како исклучителни помеѓу себе, како причина за колективни триумфализми, туку како надополнување по еден заеднички пат, по кој сите чекориме, се поддржуваме и резултатите несебично ги споделуваме.    

Најдобар пример ни е македонската фудбалска репрезентација, во неа различностите се надополнуваат со преземање на лична одговорност од играчите да го дадат својот максимум на теренот, само тогаш успеваат да постигна успех кој подеднакво го споделуваат. 

Наративот кој го слушаме во последно време е ограничувачки, тој го гуши или подобро речено го елиминира квалитетот, бидејќи за него само бројката е важна. Според овие политички ставови кои добиваат гласност во медиумите, тоа значи ако имаме Албанец на една клучна позиција во државата, нема место за втор бидејќи не е важен вредносниот принцип туку само колективната припадност или, ако во Владата имаме министер со презиме што завршува на „иќ“, нема простор за втор.

Затоа ако се препуштиме на раздвојувањата, на поделбите, ако дозволиме да не обземе потрагата по колективни непријатели или виновници, тогаш и спортските успеси ќе треба да ги раздвојуваме. Секој постигнат гол нема да оди на заедничко конто туку ќе се раздвојуваме, фудбалери Македонци постигнале 3 гола, фудбалери Албанци постигнале 2 гола, а противникот 4 гола. Кој е победникот?

Треба да знаете
Последни објави