Search

Законот за нефер практики ќе го штити џебот на граѓаните, но да се внимава на злоупотребите од големите маркети

Ограничување на рабатот со 10 отсто, а не како досега што изнесуваше и 30-40 проценти чист профит, рок за имплементација од најмногу шест месеци и казни во износ од 20 илјади евра, ова се клучните ставки во новиот Закон за спречување на нефер практика во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи кој е во финална фаза од подготовката.

Надлежните ветуваат дека преку законот ќе дојде до ново намалување на цените на прехранбените производи за најмалку 20% пониско од сега.

Во овој закон се имплементирани европски директиви, и истиот ќе се носи со европско знаменце.

Според министерот за економија Крешник Бектеши консултациите за евентуални забелешки од бизнис заедницата ќе траат најдоцна до 25 октомври.

-Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас и за компаниите, добавувачите, трговците на мало и големо.Тоа е европски закон кој е транспониран кај нас, прилагоден за нашиот пазар, сметаме дека ќе се воведе ред, рече Васко Ристовски – самостоен советник во Стопанска Комора коментирајќи го новиот закон.

Според познавачите на политиките и дел од професорите со кои имавме неформален разговор, оваа мерка е за заштита на стандардот на граѓаните, но да се внимава да не ја злоупотребат маркетите.

Тие се сомневаат дека и во т.н. евтини маркети се вршат манипулации, а пример за тоа се политиките на одредени дистрибутери кои за различен тип на маркети, понекогаш испорачуваат и производи со различна цена. Сето тоа во договор со производителите.

На овој начин, според еден поранешен менаџер од голем синџир на маркети, се дава можност и маркетите кои се препознатливи како маркети за „посебна“ клиентела да се изедначат со маркетите кои се позиционирани како маркети со евтини цени.

Причината според менаџерот, може да биде и во менувањето на практиките за пазарење каде влијание имаа кризите, па повеќе не се бира маркет, туку цена.

Од друга страна професорите со кои комунициравме сметаат дека оваа мерка можеби е и намерно поддржана од бизнис заедницата, бидејќи големите маркети имаат страв од губење на муштерии поради опасноста од влезот на „Лидл“, кој според познавачите на состојбите ќе земе голем удел од македонскиот пазар.

Според нив, „Кам“ маркети веќе имаат капацитет да се натпреваруваат бидејќи имаат искуство во Бугарија, каде што се присутни и двата бренда, но демне опасност, другите синџири на маркети да претрпат загуби.

Закон за забрана на нефер трговски практики кај нас се носи за првпат.

Игор Мицкоски, МБА спец. По стратегиски менаџмент

Треба да знаете
Последни објави