Search

Хамас: Седумдесет лица, главно жени и деца, загинаа во напади на конвој

Претставници на Хамас денеска соопштија дека 70 луѓе, главно жени и деца, загинале во израелските воздушни напади врз конвоите кои го напуштале градот Газа.

Канцеларијата за медиуми на Хамас соопшти дека автомобилите биле погодени на три локации додека патувале јужно од градот Газа, пренесе АП.

Засега не е познато кој бил цел на воздушните напади, ниту дали меѓу луѓето кои го напуштале градот Газа имало и милитанти, наведува агенцијата.

Палестинците денеска почнаа масовен егзодус од северниот дел на Појасот Газа, откако израелската армија им нареди да се евакуираат во јужниот дел на територијата, пред очекуваната копнена инвазија врз владејачката милитантна група Хамас.

Обединетите нации изразија длабока загриженост за сите цивили во Појасот Газа, откако Израел му нареди на целото население да го напушти северот, поради тековните воздушни напади и продлабочената хуманитарна криза.

Портпаролот на ОН Стефан Дијарик изјави дека претставниците на ОН во Газа биле „информирани од нивните офицери за врска во израелската армија“ дека сите што живеат на северот на Појасот Газа треба да се преселат на југ во рок од 24 часа.

„Се очекува околу 1,1 милион луѓе да го напуштат северниот дел на Газа“, рече Дијарик, додавајќи дека истата наредба се однесува на целиот персонал на ОН и на оние што се сместени во објектите на ОН, вклучувајќи училишта, здравствени центри и клиники.

ОН сметаат дека е невозможно вакво движење да се случи без погубни хуманитарни последици и апелираат да се укине наредбата, рече Дижарик.

Светската здравствена организација (СЗО) се приклучи на повикот Израел да ја укине наредбата за преселување, изјави портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ.

Тој пред новинарите во Женева, во согласност со оценката на локалните здравствени власти, изјави дека би било „неизводливо да се евакуираат ранливите пациенти од болницата од северот на Газа“.

Треба да знаете
Последни објави