Search

Грчкиот министер за надворешни работи претстави план од пет точки за справување со кризата на Блискиот Исток

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и на Советот за соработка на арапските земји во Персискиот Залив презентираше план од пет точки за справување со кризата на Блискиот Исток, пренесува националната грчка телевизија ЕРТ.

Причина за средбата е воениот конфликт меѓу палестинската исламистичка група Хамас и Израел, кој започна во саботата.

– Ова е напад (на Хамас против Израел) што ги прекршува сите правила на меѓународното право и бара итна и активна интервенција на меѓународниот правен поредок, рече Герапетритис во изјавата по настанот.

Министерот посочи дека лично се сретнал со претставници на сите земји од Персискиот Залив и одржал долги телефонски разговори со министрите за надворешни работи на Египет и Јордан. Целта на комуникацијата беше „да ги координираме нашите активности за да постигнеме прекин на непријателствата за да можеме да обезбедиме примена на правилата што ги бара човештвото и владеењето на правото“, истакна Герапетритис.

Според него, Грција предложила план од пет точки за „намалување на тензиите и прекинување на магичниот круг на насилство“.

„Повикавме на итен прекин на непријателствата, особено против цивилното население, за итно враќање на сите киднапирани и заложници, за итно отворање на хуманитарните канали за да се осигура дека сите имаат пристап до здравствените услуги и за едногласна осуда на сите форми на тероризам од страна на Европската Унија и земјите од Персискиот Залив“, објасни шефот на грчката дипломатија.

Тој изјави дека, според него, „дојде време за меѓународно разбирање, за меѓународен форум да се дојде до сржта на проблемите, да се осуди тероризмот, за да немаме такви појави во иднина“.

За Грците во Израел, Герапетритис посочи дека „Министерството за надворешни работи прави натчовечки напори преку амбасадата и генералниот конзулат за да можат безбедно да се вратат грчките граѓани кои се таму“. 

Треба да знаете
Последни објави