Лорд Фрост предлага во Британија да се оди во пензија на 75 години

Поранешниот преговарач за Брегзит и истакнат член на ториевците, лордот Дејвид Фрост, предложи да се зголеми старосната граница за државната пензија во Обединетото кралство на 75 години, во обид да се намали јавната потрошувачка.

Во последните пет години веќе двапати е поместена старосната граница за пензионирање.

„Мислам дека искрената вистина е дека старосната граница за пензионирање ќе мора да се зголеми доста за да се реши проблемот со кратењата на јавните трошоци“, рече Фрост за време на дискусијата на годишната конференција на Конзервативната партија во Манчестер.

Велика Британија има конзервативна влада од 2010 година и покрај некои првични намалувања, владините трошоци се зголемија во последниве години. Годишните трошоци за услуги, кои вклучуваат здравствена заштита, социјални бенефиции и пензии, ќе се зголемат на 784 милијарди фунти (953 милијарди долари) во 2022 година од 713,1 милијарди фунти (866 милијарди долари) во претходната година, покажуваат владините статистики.

Во меѓувреме, националниот долг на Велика Британија се зголеми од 75 отсто од БДП на земјата во 2010 година на дури 100,5 отсто оваа година.

„Големите блокови на трошење се здравството, пензиите и бенефициите. Ако не се справите со нив, нема да се ослободите од ништо“, вели Лорд Фрост.

„Луѓето се многу поздрави отколку што беа порано и мислам дека возраста за пензионирање мора да се зголеми“, рече тој.

Помеѓу 1948 и 2010 година, британските мажи ја добиваа својата државна пензија на 65, а жените на 60 години. Потоа се изедначи старосната граница за двата пола, а во 2020 година се зголеми на 66 години. Планирано е дополнително зголемување на 67 до 2028 година и 68 до 2046 година.

Треба да знаете
Последни објави