Search

Цените на домовите во ЕУ последниве 13 години зголемени за 46, а на наемнините за 21 отсто  

Во периодот од 2010 година, па до вториот овогодишен квартал, цените на становите и куќите во земјите членки на ЕУ се зголемија за 46 отсто, додека наемнините за домување пораснаа за 21 процент, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти денеска Европската статистичка служба – Евростат, во вториот квартал од 2023 година цените на становите и куќите пораснале за 0,3 отсто во споредба со првото овогодишно тримесечје, додека наемнините за домување забележале раст за 0,7 проценти. Во споредба со вториот лански квартал, пак, цените на становите и куќите во ЕУ се намалени за 1,1 отсто, додека од друга страна наемнините се зголемени за три проценти. 

Податоците на Евростат покажуваат дека во периодот од 2010 до вториот квартал од 2011 година цените на домовите и наемнините во ЕУ постојано растеа. По овој период, се до вториот овогодишен квартал се бележи тенденција на постојано зголемување на наемнините, додека цените на становите и куќите флуктуираа.  

Од вториот квартал во 2011 година до првото тримесечје од 2013, цените на домовите забележаа намалување, по што во текот на 2013 и 2014 година останаа релативно стабилни. Од почетокот на 2015 година, па до вториот квартал на 2022 година следеше период на брз раст на цените на становите и куќите, кои се зголемуваа со побрзо темпо од наемнините. Ваквиот тренд запре во третиот лански квартал, кога цените на домовите и наемнините пораснаа со исто темпо од по 0,7 отсто на квартално ниво. Во последното тримесечје на 2022 година и во првиот овогодишен квартал цените на домовите се намалија, по што од периодот април-јуни 2023 тие одново бележат тенденција на раст. 

Според Евростат, во периодот од 2010 до вториот квартал од 2023 година цените на квадратен метар станбена површина се зголемија повеќе од двојно во Естонија и тоа за 211 отсто, во Унгарија за 180 проценти, во Литванија за 152, во Летонија за 144, во Чешка за 122, а во Луксембург и Австрија за по 120 отсто. Намалувања на цените на домовите во посочениот период беа забележани само во Грција од 14 проценти, во Италија од осум и Кипар од три отсто. 

Наемнините за домување, пак, се зголемија во сите земји членки, освен во Грција, каде е регистрирано нивно намалување за 21 процент. Најголем раст на наемнините во периодот од 2010 до вториот квартал од 2023 година е забележан во Естонија од 208 отсто и во Литванија од 168 проценти.

Најголем годишен раст на цените за квадратен метар во второто тримесечје од годинава е регистриран во Хрватска од 13,7 отсто, во Бугарија од 10,7 и во Литванија 9,4 проценти. Од друга страна, најголемо намалување на цените на становите и куќите имало во Германија од 9,9 отсто, Данска  од 7,6 и Шведска од 6,8 проценти.

Во споредба со претходниот квартал, пак, цените на домовите најмногу пораснале Летонија од 5,1 отсто, Бугарија од 4,3 и Естонија од 3,8 проценти. Најголем квартален пад на цените на станови и куќи имало во Словачка од 3,9 отсто, Луксембург од 2,7 и Унгарија од 1,7 проценти. 

Треба да знаете
Последни објави