Search

Тргна исплатата на пензиите – еве кој колку ќе добие

Од утре, 2 октомври тргнува исплатата на септемвриските пензии за над 330.000 пензионери, иако дел од банките уште вчера започнаа со исплата на пензиите, како што е случајот со Халкбанка.

Согласно методологијата, септември е месец во кој има зголемување на пензиите, а овој септември тие ќе пораснат за 5,3 проценти. 

Во апсолутни бројки, тоа значи дека пензионерите со највисоки пензии, ќе добијат зголемување од речиси 3.700 денари, додека пензионерите со просечна пензија (која изнесува околу 20.000 денари) на своите сметки ќе добијат покачување од 1.060 денари. 

Со септемвриското зголемување, минималната пензија се зголемува на над 13.000 денари. 

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека со двете усогласувања оваа година пензиите вкупно пораснале за 13,7 проценти. 

Инаку, со месеци здруженија на пензионери протестираат и бараат линеарно зголемување на пензиите и утврдување на минимална пензија од 18.000 денари, а како одговор на нивните барања, МТСП формираше работна група која треба да донесе решение за износот на минималната пензија, како и дополнителни мерки за пензионерите со најниски пензии.

Треба да знаете
Последни објави