Search

ЦУК: За гаснење на пожарот под Солунска Глава е ангажирана и воздухопловна поддршка за противпожарните тимови на теренот

Центарот за управување со кризи известува дека преку РЦУК Охрид, е добиена информација дека вчерашниот пожар, на отворен простор, во реонот на с.Белица, во Општина Македонски Брод, во месноста „Аргулица“ под Солунска Глава е се уште активен. Екипата пожарникари на ТППЕ Македонски Брод и на ЈП „Национални Шуми“ подружница „Сандански“ интервенираат во пристапниот дел од теренот.

Во почетокот на денот е ангажиран еден авион на ДЗС, што дејствува сам до 13:00 часот, како поддршка на противпожарните тимовите коишто гаснат од земја. Потоа, согласно развојот на настаните и метеоролошките услови, е планирано да бидат ангажирани и хеликоптери на МВР „бел“ што имаат можност да носат противпожарно ведро и да гаснат пожари на отворено.

Пожарот кај с.Белица, во Општина Македонски Брод, во месноста „Аргулица“, под врвот Солунска Глава на планината Јакупица е еден од 39-те вчерашни пожари којшто гори се уште на висок и на повеќе места непристапен терен. Инаку, врвот Солунска Глава на планината Јакупица е со височина од 2.540 метри и е дел од високите врвови од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина.

Треба да знаете
Последни објави