Search

Прорускиот политичар Фицо победи на изборите во Словачка

Поранешниот премиер на Словачка, Роберт Фицо победи на парламентарните избори во Словачка и ќе го добие мандатот од претседателката Зузана Чапутова за состав на нова влада. Фицо важи за политичар ориентиран кон Русија, а неговата кампања беше базирана токму на проруски и антиамерикански ставови. Тој потенцираше дека ќе ја повлече воената поддршка од Словачка за Украина ако успее да се врати на власт.

По победата лидерот на партијата Смер-ССД, Роберт Фицо порача:

-Една од првите одлуки на владата мора да биде обновување на граничната контрола со Унгарија, рече Фицо на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Бидејќи ниту една партија не освои мнозинство во Парламентот, ќе мора да се формира коалициска влада. СМЕР – Словачка социјалдемократија (СМЕР – ССД) на изборите резултираше како прва по довербата од гласачкото тело, Прогресивна Словачка, како втора, додека левичарската партија Хлас (Глас), заврши како трета.

Михал Симецка, лидерот на либералната партија Прогресивна Словачка (ПС), по изборите најави дека неговата партија ќе се обиде да ги спречи победничката СМЕР ССД и нејзиниот лидер, да формираат влада и ја посочи третопласираната Хлас како одлучувачки фактор за тоа.

Премиерската функција пак не е непозната за Роберт Фицо. Тој беше на должност во два мандати, 2006-2010 и 2012-2018 година.

Меѓутоа како што пишуваат политичките експерти од Европа, победата на Фицо става сенка на поддршката која Словачка и ја даваше на Украина од почетокот на руската инвазија. Братислава донираше оружје и ги отвори своите граници за украинските бегалци.

Роберт Фицо беше принуден да ја напушти премиерската функција во 2018 година, по истрагата за убиството на новинарот Јан Куцијак, кој ги истражуваше бизнисите и имотите  на функционерите во време кога Фицо беше премиер.

За убиството на Куцијак на 23 години затвор беше осуден поранешниот војник Мирослав Марчек.

Треба да знаете
Последни објави