Search

Заев се врати на Бихаќка и стави крај на сите приказни за наводен договор со Мицкоски

Синоќешната објава на социјалните мрежи на премиерот Димитар Ковачевски каде на фотографиите можеше да се забележи и присуството на поранешниот претседател на СДСМ и премиер Зоран Заев, предизвика вистинска бура во јавноста. 

Ковачевски објави дека е формиран стратешки тим на СДСМ, а во него е и екс премиерот Зоран Заев, покрај министерот Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, организацискиот секретар Митко Трајчулески, претседателот на Советодавното тело на СДСМ, Игор Ивановски и шефот на кабинетот на Ковачевски, Мартин Попов.

,,СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година, напиша Ковачевски, најавувајќи победа на следните избори. 

По средбата се огласи и Зоран Заев. 

„Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава. Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори“ истакна Заев. 

Членството на СДСМ со воодушеување реагираше на средбата на актуелното раководство со Зоран Заев.

Враќањето на Заев во седиштето на СДСМ доаѓа во еден исклучително комплициран период, кога секојдневни се теории за наводни поделби во СДСМ, но и во ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на уставните измени, но и претстојните претседателски и парламентарни избори. 

Со месеци, речиси скоро цела година, во јавноста кружат приказни за наводен договор помеѓу Зоран Заев и актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кој СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба заеднички да владеат во следните осум години. 

Тие шпекулации редовно се подгреваат од страна на проопозициските мегафони, а последен што излезе со такво тврдење е екс премиерот Никола Груевски кој во периодов е во судир со Мицкоски. 

Но, вчерашните фотографии од срдечно насмеаниот Заев на Бихаќка, првично ја раздрмаа теоријата за наводна негова соработка со Мицкоски. 

Дали тоа ќе биде доволно да се стави крај на приказните за наводниот договор Заев – Мицкоски, останува да се види, но она што е факт е дека и во следните месеци, политичката сцена во Македонија ќе продолжи да биде разбранувана, а епилогот од таквите бранувања ќе биде познат дури по изборите.

Треба да знаете
Последни објави