Search

Во Словенија цените на производите во продавниците масовно паѓаат, некои и 50 отсто!

Откако цените на храната дивееја во Словенија во првата половина од годинава, Журнал24 пишува дека трговците во Словенија почнале да ги намалуваат цените на храната, а одредени категории доживеале пад на цените и до 50 отсто.

Тие контактирале со шест големи трговци кои работат на територијата на оваа земја за да проверат кои артикли и категории на храна се значително поевтини, а одговорот од „Хофер“ стигнал дека главно ги намалиле цените на млечните производи, месото и рибата, но и на маслото, оризот и тестенините.

Словенечки „Спар“ потврди дека ги намалиле цените на 1.400 производи, во просек за 11 отсто, но дека некои артикли се намалени за 40 до 50 отсто, како свински шницли или сончогледово масло.

Во „Меркатор“, пак, открија дека неодамна почнале да ги намалуваат откупните цени на одредени категории производи како млечни производи, масло, брашно и свежо месо, додека „Туш“ предупредиле дека и покрај намалувањата, од некои производители добиле најави за нови поскапувања.

Новинарите на Журнал24 ги проверуваа цените на одредени категории производи и заклучија дека цената на млекото кое пред летото чинеше од 1,09 до 1,25 евра, сега падна на 0,79 до 1,09 за литар, додека путерот, од цена која се движеше меѓу 2,29 и 3,39 евра, падна на опсег од 1,69 до 2,59.

Поевтини и гаудата – пред летото цените се движеа од 6,53 до 9,98 евра за килограм, но сега паднаа на 3,96. Пониска е и цената на јогуртот – од просечни 1,19 паднала на 0,89 за литар во добар дел од анкетираните продавници.

Пад на цените бележи и сончогледовото масло, чија цен не беше ограничено во Словенија – цената на литар сега се движи меѓу 1,29 и 2,99.

Треба да знаете
Последни објави