Search

Руперт Мардок ќе ја контролира медиумската империја од сенка

По речиси три децении, светот на медиумите, но и политиката и економијата, добија одговор на прашањето кое долго време го мачеше: кој ќе го наследи Руперт Мардок, најмоќната медиумска личност во англофонскиот свет. Како што потсетува „Фајненшл тајмс“, Мардок првпат јавно ги охрабри шпекулациите за неговиот наследник во 1994 година, одговарајќи на прашање на новинар на австралискиот бизнис магазин BRW на кого ќе му го предаде кормилото на својата медиумска империја. „Очекувам тоа да го направам за 30 години. Мислам дека во следните 10 години, доколку сите бидат успешни или заинтересирани, децата ќе почнат да ги пополнуваат одговорните места“, изјави тогаш медиумскиот магнат.

Во суштина, тој им порача преку медиумите на ќерките Пруденс и Елизабет и синовите Лаклан и Џејмс да почнат да се натпреваруваат за наследник . Како што најави, по нешто помалку од 30 години, одлуката стигна на крајот на минатата недела. Веќе 92-годишниот Руперт Мардок објави дека се повлекува од челната позиција во компаниите Фокс и Њуз Корп и диригентската палка му ја предава на својот постар син Лахлан.

Со ова заврши повеќедецениската ера во која милијардерот имаше влијание врз медиумите и политиката на три континенти. Сликата на голем број политичари, од Маргарет Тачер до Доналд Трамп, зависеше од третманот што го добиваа во најпознатите медиуми на Мардок, како британскиот таблоид The ​​Sun, австралискиот The Australian или американската ТВ станица Fox News.

Упатени извори посочуваат дека Мардок не донел одлука да ја напушти лидерската позиција поради некоја конкретна причина. Иако има 92 години, оние кои добро го познаваат нагласуваат дека е во добра здравствена состојба. Сепак, неколку добро упатени лица изразуваат сомнеж во најавата за негово повлекување. „Тој е вклучен во се. Треба да се напомене дека тој ја задржа титулата почесен претседател. Тој нема да може да се запре“, вели Ендрју Нил, поранешен уредник во Сандеј Тајмс. Висок извршен директор во News Corp е уште појасен: „Се додека дише, тој е шеф“.

Иако Мардок го избра Лахлан да раководи со компанијата, останува прашањето дали тој ќе остане на позицијата и по смртта на неговиот татко. Станува збор за распределба на моќта во рамките на фондацијата на семејството Мардок, која има околу 40 отсто од гласачките права. Лахлан, Џејмс, Пруденс и Елизабет имаат еднакви акции во фондацијата, додека двете најмлади ќерки на Мардок, Грејс и Клои, немаат право на глас.

Треба да знаете
Последни објави