Search

Протест во Мадрид против амнестија на каталонските сепаратисти

Десетици илјади Шпанци излегоа денеска на улиците на Мадрид за да протестираат против потенцијалниот план на вршителот на должноста премиер Педро Санчез да им даде амнестија на каталонските сепаратисти со цел да остане на функцијата по изборите на кои не победи.

Околу 40.000 приврзаници на опозициската Конзервативна партија (ПП) од цела Шпанија излегоа на улиците на главниот град.

Санчез, чија партија заврши на второто место на изборите во јули, сепак би можел да остане премиер доколку ја добие поддршката од прогонетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон, чија партија „Заедно за Каталонија“ има седум места во парламентот.

Шпанија издаде налог за апсење на Пуџдемон поради обид за отцепување на источниот регион, а како услов за поддршка на социјалистите, тој побара отфрлање на обвиненијата против него и другите сепаратисти.

Алберто Нуњез Фејо, лидерот на ПП, кој беше прв на изборите во јули, рече дека никогаш нема да попушти пред барањата на организаторите на нелегалниот референдум за независност во 2017 година. Повлекувањето на обвиненијата би значело давање амнестија на оние кои стојат зад пучот, им рече тој на поддржувачите во Мадрид.

Санчез денеска одржа свој митинг во Гава, во близина на најголемиот каталонски град Барселона. Тој директно не ја спомна амнестијата, но нагласи дека социјалистите сакаат да ја залечат социјалната поделба околу каталонското прашање.

– Се обидуваме да свртиме страница, рече премиерот, кој помилува девет сепаратисти во 2021 година.

Првиот обид да биде именуван за премиер Фејо ќе го има на 27 септември, но неговите шанси не се големи бидејќи ПП одбива да направи какви било отстапки на сепаратистите. Доколку навистина не успее, Санчез ќе ја има својата шанса во парламентот.

Треба да знаете
Последни објави