Наследството на ВМРО-ДПМНЕ: Поделби и шиканирање на претходните лидери

Се повторува ли историјата во ВМРО-ДПМНЕ откако екс лидерот на оваа партија Никола Груевски, влезе во конфликт со актуелниот Христијан Мицкоски?

Екс премиерот во бегство во Будимпешта, жестоко се конфронтира со Мицкоски откако овој го обвини дека заради лична слобода се договарал со власта да обезбеди пратеници кои ќе гласаат за уставни измени. 

Ваквото однесување на Груевски наиде на осуда од партиското раководство и поголем дел од партиските членови, но има и такви кои во дуелот Мицкоски – Груевски застануваат на страната на Груевски. 

Поделбите и шиканирањето на претходните лидери, не е ништо ново во ВМРО-ДПМНЕ, напротив тоа се провлекува како своевидно наследство на партијата. 

Од ВМРО-ВМРО (Вистинска македонска реформска опција) преку случувањата во хотел Панорама, па се до формирањето на ВМРО-НП и Обединети за Македонија во ВМРО-ДПМНЕ поделбите и анимозитетот кон претходните лидери е речиси редовна појава.

Некогашната „икона“, војводата како што често го нарекуваа, Љубчо Георгиевски брзо беше заборавен од тогаш новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од младиот лидер Никола Груевски, чија политичка траекторија ја црташе лично самиот Георгиевски. 

Веднаш по преземањето на лидерската функција, Груевски го маргинализираше Георгиевски, па овој немаше друг избор освен да формира нов политички субјект ВМРО-Народна партија. 

Груевски на Георгиевски му ги препиша сите лоши работи од претходното ВМРО-ДПМНЕ и претставувајќи се како млад техниорат, ја доби довербата да ја води државата на изборите во 2006 година. 

Од тогаш па се до 2017 година Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја водат државата, додека новата „икона“ на ВМРО-ДПМНЕ не се даде во бегство во Будимпешта за да се спаси од кривичен прогон. 

Од тој момент неговото дејствување во партијата станува енигма, како за јавноста, така и за самото партиско членство. 

Извори од партијата тврдат дека судирот Груевски – Мицкоски трае со години, дека почнал да станува помалку видлив со пратеничките листи од изборите во 2020 година, а особено со кандидатурите за локалните избори 2021 година и Данела Арсовска која од нигде никаде стана кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за најголемата и најважна единица на локалната самоуправа – Градот Скопје. 

Иако негира каква било поврзаност, бројни извори од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Арсовска била решение токму на Никола Груевски.

Денес Никола Груевски на над 1 000 километри од Скопје се уште се обидува да има влијание врз партијата и судејќи по коментарите на социјалните мрежи тоа и му успева. 

За разлика од неговиот претходник Георгиевски, Груевски не може лично да формира нов политички субјект кој би зел дел од гласачкото тело на десницата, но во јавноста се погласни се информациите дека Арсовска есенва ќе формира политичка партија, а Груевски би бил своевидна сива еминенција на тој политички субјект. 

Колку таа операција ќе биде успешна останува да се види, но факт е дека во ВМРО-ДПМНЕ поделбите, фрагилноста и шиканирањето на претходните лидери се провлекува како константа во партиското функционирање. 

Треба да знаете
Последни објави