Активности на г-а Елизабета Ѓоргиевска во рамки на учеството на претседателотна 78. Генерално Собрание на ОН

Сопругата на претседателот г-а Елизабета Ѓоргиевска, која престојуваше во Њујорк во придружба на претседателот при неговото учество на 78. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, оствари повеќе средби и активности.
Г-а Ѓоргиевска оствари средба со Диен Кеита, помошник генерален секретар и заменик извршен директор при Фондот за население на ОН (УНПФА) на која разменија мислења и информации за претстојната конференција на високо ниво, насловена „Моќта на изборот: Телесна автономија кај жени и девојки”, чиј домаќин ќе биде г-а Ѓоргиевска, во соработка со УНФПА, а ќе се одржи под покровителство на претседателот, во октомври оваа година.
Соговорничките се согласија дека темата на конференцијата „Моќта на изборот” е од огромно значење – правото на жените и девојките да имаат контрола над своите тела, здравје и репродуктивни права. Г-а Кеита го поздрави ангажманот на г-а Ѓоргиевска за прашањата на кои работи УНФПА, ставајќи ја Северна Македонија високо на мапата на земји кои се активни по ова прашање.
Сопругата на претседателот учествуваше и на иницијативата за елиминирање на насилството врз жените и девојките во рамки на Самитот за целите за одржлив развој, каде истакна дека „мора да се стави крај на насилството врз жените, со кое на милиони жени и девојки практично им се негираат основните човекови права и можноста активно да придонесуваат во општеството и заедницата. Глобално, една од три жени е жртва на насилство, а во проценките на иницијативата, до 2025 година, дневно животите на најмалку две жени и девојки би биле спасени. Ваквите негативни трендови не изостануваат ни во Република Северна Македонија и затоа е потребно многу повеќе работа и видливи резултати.”  

Г-а Ѓоргиевска присуствуваше и на приемот организиран од страна на првата дама на САД, д-р Џил Бајден каде оствари кратка средба со д-р Џил Бајден, при што ја информираше за активностите на кои работи во соработка со УНИЦЕФ и други партнери, посветени на менталното здравје кај младите и потребата од поголема грижа и системски решенија од надлежните чинители во одржувањето на менталното здравје кај младите.

Сопругата на претседателот имаше и кратка средба со првата дама на Украина, Олена Зеленска на која разговараа за неодамна одржаниот Самит за ментално здравје во Киев, од кој беше дел и г-а Ѓоргиевска, а исто така и ја реафирмираше поддршката за заложбите на сопругата на украинскиот претседател, во контекст на заштитата на децата и нивните права.
Дополнително за време на престојот во Њујорк, г-а Ѓоргиевска, одржа и две предавањa за студентите на постдипломски студии при Универзитетот „Колумбија” на Колеџот за дентална медицина.

Треба да знаете
Последни објави