Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека повторно, втор ден по ред, активирана е и воздухопловна поддршка за противпожарните тимови за пожарот на планината Сува Гора во шумата над селото Милетино во Општина Брвеница. Денеска дејствуваат два противпожарни авиони „Ер-трактори“ и еден полициски хеликоптер.
– Имаме активно горење на неколку краци. Пожарот гори ниско по тревата низ зимзелена шума, борова шума, предизвикува штета. Се надевам дека дрвјата ќе преживеат и нема да бидат исушени. Рано утрово почнавме со гасење со два „Ер-трактори“ на ДЗС, а дополнително ќе биде ангажиран и еден полициски хеликоптер, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
![](https://new.mia.mk/articles/images/%D0%B2%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%BF%D0%BE%D0%B6%D0%B0%D1%80%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B0%D1%88%D1%83%D0%BC%D0%B0%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%B5%D1%82%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D0%BA%D1%80%D0%B0%D1%98%D0%BF%D0%BE%D0%B6%D0%B0%D1%80%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5%D1%81%D0%B5xgCEr/Gfjpf3xMo/large.webp?use_watermark=0)
Пожарот изби вчера во текот на пладнето, попладне беше изгаснат од пожарникари, но и три „Ер трактори“ и хеликоптер, но ноќта повторно се разгоре.
– И покрај обидите за контрола врз овој пожар, тоа остана неуспешно. Ветрот, кој постојано дува, го менува својот правец, како и поради и сува вегетација, како овие шишарки на земја, дополнително го отежнува гаснењето на овој пожар, изјави Ангелов.
Од разденување се работи на гаснење на пожарот, а интервенираат и вработени во ЈП „Македонски Шуми“ подружница „Лешница“.