Search

Министрите од регионот цврсто решени во напорите за унапредување на квалитетот на живот на Ромите

На четвртиот министерски состанок на земјите од регионот позитивните пракси од земјите претставнички ги истакнаа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заменик министерката за здравство и социјална заштита во Албанија, Денада Сефери, министерот за човекови права и бегалци во Босна и Херцеговина, Севлид Хуртиќ, третата вицепремиерка за малцински прашања и човечки права на Косово, Емилија Реџепи, министерот за човекови и малцински права во Црна Гора, Фатмир Ѓека и министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог на Србија, Томислав Жигманов.

На состанокот, што се одржа по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познанска декларација, донесени се заклучоци за унапредување на тековната работа за интеграција на Ромите во образованието, вработувањето, домувањето, антициганизмот, дигиталната вклученост и граѓанската регистрација.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, министрите го повикуваат Советот на Европа, во рамки на регионалниот проект ИПА, да обезбеди независна проценка, по повод петгодишнината од спроведувањето на обврските од Познањ за следниот министерски состанок. 

Министрите се обврзаа да инвестираат во поддршка на инклузијата на Ромите, целосно имплементирајќи ги билатерални проекти на ИПА чијашто цел се Ромите и потврдија дека на следниот министерски состанок во Србија ќе разговараат за спроведување на обврските и целокупното исполнување на целите наведени во процесот на Декларацијата од Познањ.

Министерката Тренчевска се осврнала на сите достигнувања на Владата во однос на прашањето за интеграција на Ромите во сите општествени жени. Посочи на активните мерки за вработување во последните неколку години, Гаранцијата за млади, како и на регионалниот проект за имплементација на стратегиите за миграција и реинтеграција на повратниците особено на локално ниво во земјите од Западен Балкан финансиран од Европската Унија.

Комесарот за проширување и соседски односи од Европската комисија, Оливер Вархеји во видео обраќање порача дека државите треба на младите Роми да да им обезбедат целосен пристап до образование, здравство, домување, вработување и учество во зелената агенда. Тој посочи дека постојат голем број на успешни проекти кои ги вклучуваат Ромите и придонесуваат кон унапредување на нивниот животен стандард, меѓутоа ја искажа и својата убеденост дека земјите во регионот можат уште повеќе.

Ана Лирман, државен министер за Европа и клима во Германија исто така во видео обраќање ја истакна силната поддршка на Германија во процесот на интеграција на Ромите и ја искажа својата визија за инклузивна Европа која подеднакво ќе ги вклучува Ромите како и сите маргинализирани групи во сите општествени процеси.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, соработката е клучна за постигнување на значаен напредок.

– Ова значи тесна соработка со институциите на ЕУ, релевантните меѓународни организации, граѓанските организации предводени од Ромите и што е најважно, самите ромски заедници. Нивните гласови мора да се слушнат, а нивните перспективи мора да ги водат нашите заложби. Како заклучок – стоиме на клучен момент во нашето патување кон вклучување на Ромите во Западен Балкан. Предизвиците се застрашувачки, но и одлучноста да се надминат, рече Гир. 

Треба да знаете
Последни објави