Косово полно со лажни евро монети

Келнерите во едно кафуле во Приштина се откажаа од проверката дали монетите од две евра се оригинални или не, бидејќи ужасно голем дел од нив се фалсификувани, а поради квалитетот на некои речиси е невозможно да се открие дали се лажни или не.

„На почетокот сите внимаваа и ги проверуваа монетите од две евра“, вели келнерот Ендрит. Тој и неговите колеги ставале парички под светло или ги пуштале на маса и проверувале како звучат.

„Сега веќе не го правиме тоа… можеби добиваме вистински пари, а можеби и лажни пари. Исти се“, вели тој, пренесе „Индекс“.

Количината на монети од две евра во оптек годинава е драстично зголемена, велат владините агенции.

Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото. Во лабораторијата во Приштина експерти проверувале повеќе од 30.000 лажни евро монети во првата половина од годината, наспроти 4.451 во истиот период лани.

„Квалитетот оди од многу лош до многу добар“, вели Вјолца Мавриќи, лабораторија.

„Претходно монетите не беа магнетни како сега. Имаа проблеми со грамажата, но сега целосно одговараат на оригиналот“, додаде таа. Полицијата соопшти дека лани пријавила 804 случаи на фалсификат кај обвинителството, а годинава досега 486 случаи.

„Индекс“ пишува дека во април полицијата уапсила маж и жена кои од Македонија донеле 10.600 фалсификувани монети од две евра во Косово. Бројни Албанци на социјалните мрежи објавуваат видеа на кои нудат лажни монети за 10 до 20 отсто од вредноста на вистинските евра.

Треба да знаете
Последни објави