Руски воздушен напад врз Киев, седум ранети, меѓу нив и девојче

Руските сили рано утринава извршија воздушен напад врз Киев, соопштија властите во главниот град на Украина. Во објава на Телеграм, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека воздушната одбрана ги одбила нападите, но дека некои згради биле оштетени.

„Експлозии во градот. Противвоздушната одбрана работи. Останете во засолништата“, рече Кличко и потоа додаде: „Имаше уништување на нестанбени згради во областа Дарнички“.

Деветгодишно девојче е меѓу седумте повредени во руските напади утринава во Киев, извести градоначалникот на главниот град.

Тој рече дека повредени се пријавени во областа Дарнички во главниот град. Дете и 18-годишна жена се хоспитализирани откако остатоци паднале од инфраструктурен објект врз станбена зграда, додаде градоначалникот на Киев.

Кличко, исто така, предупреди на прекини на струја и вода во некои делови на главниот град.

Серхи Попко, шеф на градската воена управа на Киев, рече дека остатоци паднале на земја во најмалку две области.

„Предупредување за воздушен напад во Киев. Како резултат на работата на противвоздушната одбрана за соборување на непријателски цели, остатоци паднаа во областите Холосијевски и Дарнички“, рече Попко во објавата на Телеграм.

„Сите служби за итни случаи се на пат. Информациите за жртви и штети се разјаснуваат. Останете во засолништа додека не помине воздушната тревога“.

Треба да знаете
Последни објави