Search

Кралот Чарлс и Камила во посета на Франција: Ќе се обидат да ја свртат страницата на тешките билатерални односи

Британскиот крал Чарлс Трети денеска допатува во тридневна државна посета на Франција, при што ќе се обиде да ги зајакне личните врски со домаќинот на францускиот претседател Емануел Макрон и да ја сврти страницата на тешките билатерални односи кои владеат во последните години.

Авионот во кој патуваа Чарлс и неговата сопруга Камила слета на аеродромот Орли во Париз, каде ги пречека француската премиерка Елизабет Борн, пренесува Ројтерс.

Кралската двојка од аеродромот тргнала кон Триумфалната капија, каде што британскиот крал и францускиот претседател Емануел Макрон положија венци на гробот на непознатиот војник и извршија увид во почесната единица на француската армија.

Британската кралска двојка заедно со францускиот претседател и неговата сопруга Брижит утре ќе ја посетат катедралата Нотр Дам за да го видат напредокот на реставраторски работи по пожарот во 2019 година кој го уништи покривот на црквата.

Официјален претставник на Елисејската палата изјави дека посетата на британскиот крал ќе биде можност за подобрување на односите меѓу двете земји, кои се нарушени по излегувањето на Велика Британија од ЕУ во 2020. Кралот Чарлс планираше да ја направи Франција првата земја што ќе ја посети откако ќе стане крал. Но, патувањето планирано за март беше одложено поради протестите во Франција поради предложената реформа на пензискиот систем.

Треба да знаете
Последни објави