Search

Србија ќе бара свикување седница на СБ на ОН поради ситуацијата на Косово

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека добил налог од претседателот Александар Вучиќ да иницира постапка за свикување итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата на Косово.

– Добивме налог од претседателот Александар Вучиќ да започнеме со сите подготовки и процедури за свикување итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со ситуацијата на Косово, рече Петковиќ за време на вонредното обраќање.

Петковиќ рече дека денешното апсење на тројца Срби на Косово од страна на единиците Росу претставува продолжување на етничкото чистење на српскиот народ на Косово

-Прашање на денови е кога ќе го испратиме барањето и кога ќе се одржи таа седница – додаде тој.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на почетокот на јули најави дека Србија ќе побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) поради ситуацијата на Косово.

Тој тогаш рече дека ќе побара од Советот за безбедност да „иницира итни мерки“ за заштита на Србите на Косово.

Вучиќ на крајот на август изјави дека барањето ќе биде испратено пред редовната средба во октомври поради, како што рече, зголемениот притисок врз Србите на Косово.

-Го бираме најдобриот момент, кој кога претседава и кој кога е присутен. Кога ќе ни одговара, ќе побараме седницата да се одржи во многу блиска иднина, рече Вучиќ.

Вучиќ е во Њујорк, каде со српската делегација учествува на седницата на Генералното собрание.

Албанија претседава со Советот за безбедност во септември, а Бразил во октомври. Кина ќе го преземе претседателството во ноември. 

Треба да знаете
Последни објави