Search

Нагорно-Карабах: Најмалку пет жртви во воената операција на Азербејџан

Властите на непризнаената, де факто независна република Нагорно-Карабах населена со етнички Ерменци денеска на Фејсбук соопштија дека пет лица загинале, а 80 се ранети во воените операции на Азербејџан.

Според информативниот центар на Нагорно Карабах, од 80 ранети, 15 се цивили.

Претходно денеска Азербејџан најави спроведување на „локални антитерористички мерки“ во Нагорно-Карабах, а непризнатата република Нагорно Карабах потврди дека азербејџанската армија изведува ракетни и артилериски напади, обидувајќи се да ја пробие линијата на контакт.

Ерменскиот премиер Никол Пашињан претходно изјави дека азербејџанските вооружени сили ја гранатираат целата територија на Нагорно-Карабах со цел да воспостават контрола над населените области. Според него, „азербејџанската армија започна копнена операција во непризнатата Република Нагорно-Карабах (НКР)“.

Администрацијата на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, соопшти дека е подготвена да се сретне со претставници на ерменската заедница од регионот Нагорно-Карабах во градот Јевлах, под одредени услови.

– За да се запрат антитерористичките мерки, илегалните ерменски вооружени групи мора да кренат бело знаме, да го предадат целото свое оружје, а нелегалниот режим сам да се распадне. Во спротивно, антитерористичките мерки ќе продолжат до крај, се вели во соопштението на администрацијата.

Во врска со повикот на преговори од Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах, Баку соопшти дека „администрацијата претходно ги поканила претставниците на ерменското население што живее во регионот Нагорно-Карабах во нашата земја на дијалог за да разговараат за прашањата за реинтеграција“.

– Но, тие го одбиваа тоа секој пат, тврдат азербејџанските власти. 

Треба да знаете
Последни објави