Search

Три држави годинава беа апсолутен туристички хит

Првата „редовна“ туристичка сезона по пандемијата се покажа како успешна и рекордна во сите популарни медитерански земји. Така, Шпанија, Италија, Грција и Турција од јуни се фалат со своите извонредни резултати. Претсезоната беше многу позитивна за сите, што покажува дека се повеќе луѓе ќе патуваат во малку „посвежите“ месеци, кога цените се пониски. Многу туроператори веќе ги продолжија своите летови до нивните омилени медитерански дестинации до средината на ноември бидејќи температурите се уште се високи.

Статистиката покажува дека Грција, Шпанија и Италија се хит оваа сезона и покрај топлотните бранови, шумските пожари на грчкиот остров Родос, сушата и недостигот на водата.

Така, Шпанија за прв пат во јули примила вкупно 10,01 милиони посетители, покажуваат податоците на Националниот институт за статистика (INE). Ова е зголемување од 11,4 отсто во однос на истиот период во 2022 година. Истовремено, вкупните приходи од туризмот достигнаа 59.864 милиони евра, што е раст од 25,3 отсто во однос на минатата година.

Сепак, иако шпанскиот туризам ќе постави рекорди, високите цени ја доведуваат во прашање идната сезона. Многу семејства ќе размислуваат дали следната година ќе можат да си дозволат толку скап одмор во Шпанија, кога ќе се појават поевтини понуди во Грција, Турција, Египет, Хрватска или Мароко, пишуваат германските медиуми.

Ова ќе биде и одлична туристичка година за Грција и во земјата веруваат дека би можеле да ја надминат 2019 година кога примија околу 33 милиони гости и имаа приходи од туризам над 18 милијарди евра. Инаку, има два главни туристички пазари за Грција – Германија и САД, кои веќе ги надминаа нивоата пред пандемијата. И додека Грците се задоволни од големиот број туристи, тие се плашат од климатските промени и зголемениот број пожари. Така, поради огромниот пожар на Родос во јули, за неколку часа беа евакуирани 20.000 туристи. Затоа туристичките експерти на Националната банка на Грција посочуваат дека ќе има „реорганизација на туристичката карта“ и дека зависноста од сезоната ќе се намали бидејќи некои гости ќе ги избегнат јули и август и наместо тоа ќе дојдат во Грција во пред и после сезоната кога хотелите и гостинските куќи се поевтини и кога гужвата е помала.

Италија, пак, се фали со своите податоци од мај, кога бројот на меѓународни туристички пристигнувања во Италија се зголеми за 15 отсто во однос на претходната година. Тој месец, пристигнувањето на туристи во земјата изнесуваше приближно 7,7 милиони, што е повеќе од 6,7 милиони во мај 2022 година, но сепак е под бројката пријавена во мај 2019 година, пред пандемијата на коронавирус. На италијанските аеродроми во август пристигнале 702.500 патници, што е зголемување за 1,1 отсто во споредба со 694.800 во август 2022 година, покажуваат податоците на ENIT, националната туристичка организација на Италија, која очекува рекордна сезона.

Во Турција во исто време се задоволни, но и разочарани од сезоната бидејќи очекуваа повеќе по добрата 2022 година. Бидејќи прилично ги покачија цените поради многу високата инфлација, поголемата побарувачка и трошоците, особено на енергијата, стравуваат дека тоа може да влијае на следната сезона. Затоа што Турција, која беше синоним за европските потрошувачи за одлична вредност за парите, односно поевтини пакет аранжмани, веќе не е таква. Бројот на туристи кои ја посетиле Турција во првата половина од годинава е зголемен за 17 отсто во однос на истиот период лани, достигнувајќи 22,9 милиони. Најмногубројни биле германските турити, а следат Руси, Британци, Полјаци и Бугари.

Треба да знаете
Последни објави