Search

Вучиќ: ЕУ никогаш не и пружила толкава поддршка на Србија како на Украина, која аплицира и веднаш доби кандидатски статус

Европската унија никогаш не и пружила толкава поддршка на Србија како на Украина, изјави претседателот Александар Вучиќ за Фајненшл тајмс.

-Немам ништо против Украинците. Но, нивото на поддршка од ЕУ за Украина, доделувањето на кандидатски статус за членство во ЕУ во рок од една година од датумот на поднесување на апликацијата и евентуалниот почеток на преговорите за членство следната година ни покажуваат дека таква политичка поддршка никогаш не постоела за нас, изјави Вучиќ.

Британскиот весник посочува дека Киев аплицирал за членство во февруари 2022 година, неколку дена по почетокот на конфликтот во Украина, а само четири месеци подоцна добил кандидатски статус. Спротивно на тоа, Белград чека повеќе од четири години за да ги започне преговорите за членство.

Поради тоа, весникот наведува дека некои лидери на Западен Балкан се фрустрирани што Украина ги претекнува нивните земји во влезот во ЕУ.

Преговорите меѓу Србија и ЕУ се во застој поради повеќе прашања, меѓу кои, како што пишува „Фајненшл тајмс“, е неуспехот на Белград да ги нормализира односите со т.н. Косово. Дополнително, Србија е единствената земја од Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија, што, како што се наведува во текстот, ја намалило нејзината перспектива за членство во ЕУ.

Весникот потсетува и на уште една неуспешна средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина во четвртокот во Брисел и посочува дека тогаш високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, рекол дека „без нормализација нема да има европска иднина ниту за Косово. или Србија“.

Сепак, Вучиќ за „Фајненшл тајмс“ изјави дека одложувањето на членството не ја одразува реалноста во Србија, за која посочува дека е „во многу подобра состојба отколку што беа Романија и Бугарија во 2007 година, кога пристапија во ЕУ“.

Вучиќ укажа и на намалената способност на ЕУ да прими нови членки.

-Прво слушнавме за 2025, сега за 2030. Кој знае што ќе се случи за седум години? Апсорптивната моќ на ЕУ не е поголема отколку што беше, рече Вучиќ.

Треба да знаете
Последни објави