Search

Разрешена директорката на Филхармонија Тина Иванова

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја разреши директорката на националната филхармонија Тина Иванова, како и членовите на Управниот одбор на установата, со образложение за утврдени неправилности. Одлуката е донесена по извршениот увид во работата на Филхармонија од страна на Комисија именувана од Министерството за култура. За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.

Директорката на Филхармонијата, Тина Иванова, пак по повод нејзиното разрешување од работната функција вели дека тоа се случило бидејќи застанала на страната на колективот, а не поради несовесно работење. Вели дека после месеци тортура врз неа и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, на некој начин разрешувањето и претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за нејзиниот урбан културолошки карактер.

Како што додаде, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста.

Од Министерството за култура ги отфрлиа сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, како целосно произволни, неточни и невистинити.

Кавгата меѓу Костадиновска-Стојчевска и Иванова стана јавна кога директорката застана зад Синдикатот на Филхармонијата и Оркестарот, откако на 31 март 108 вработени од Филхармонијата потпишаа петиција против одлуката на Владата за делење на објектот со новоформираниот Национален џез-оркестар.

Синдикатот на Филхармонијата три месеци организираше протести пред Владата и пред Министерството за култура. Во оваа кампања, музичарите на Филхармонија бараа и оставка од министерката за култура.

Треба да знаете
Последни објави