Search

Во ОН побараа итно ослободување на новинарот Иван Гершкович

Родителите и адвокатите на американскиот новинар Иван Гершкович синоќа потпишаа петиција испратена до Работната група на ОН за произволни задржувања и побараа јавна осуда на неговото апсење во Русија, како и негово итно ослободување. 

Заедно со родителите на новинарот на весникот Волстрит журнал беше и амбасадарот на САД во ОН, Линда Томас Гринфилд, која истакна дека од моментот на апсењето на Гершкович поминале речиси шест месеци. 

-Родителите на Иван презентираа во ОН петиција која повикува оваа организација да објави дека Иван Гершкович е држен произволно и да побара негово итно ослободување. Ги повикуваме сите земји членки на ОН да се приклучат кон ова барање за ослободување на Иван и на сите останати подложни на незаконски апсења, изјави Гринфилд. 

Според претставници на Волстрит журнал и Dow Jones, која е сопственик на весникот, обвиненијата за шпионажа изнесени од руските власти против Гершкович се лажни. 

-Неговите меѓународни права се нарушени. Тоа не е ништо друго туку „дипломатија на заложници“ – да се уапси Американец за потоа за него да се добие нешто. Тој треба да биде итно ослободен. Очигледно е дека тој не е никаков шпион, изјави Џејсон Конти, потпретседател на Dow Jones. 

Новинарот Иван Гершкович се наоѓа во притвор во затворот Лефортово во Москва во очекување на суд по обвиненија за шпионажа. Гершкович е син на имигранти од Советскиот Сојуз, роден е во САД и е американски државјанин. Во Русија заминал како дописник на Волстрит журнал, да известува за руската економија, а вршел и анкети меѓу Русите за нивното мислење за инвазијата на Русија во Украина.

Треба да знаете
Последни објави