Search

Османи ќе го отвори Форумот на втората димензија на ОБСЕ во Прага

Министерот за надворешни работи и Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, на 14-ти и 15-ти септември ќе присуствува на годишниот Форум на економската и еколошката димензија на ОБСЕ кој се одржува во Прага, а во рамки на Претседателството на Северна Македонија со Организацијата.

Темата на Форумот е „Промовирање на безбедноста и стабилноста во регионот на ОБСЕ преку постигнување одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“, а во рамки на дводневната програма ќе се дискутира на важни теми кои се приоритети на Претседателството во втората димензија на ОБСЕ: справување со климатските промени, доброто владеење и антикорупцијата, олеснувањето на транспортот и трговијата и безбедност на храната, како и управувањето со ризици предизвикани од катастрофи.

Официјалниот дел на Форумот ќе го отвори Претседавачот со ОБСЕ Османи, а предвидени се воведни обраќања и од генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, како и од министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски.

На покана на Османи, настанот на едно место ќе собере видни делегати од владини и државни институции, претставници од приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните организации.

Целта на Форумот е да ги продолжи, но и надополни дискусиите на оваа тема од Струшката конференција за економската и еколошката димензија на ОБСЕ која се одржа годинава во јуни, како и да поттикне интерактивна дискусија и размена на национални искуства, што може да резултира со конкретни и остварливи препораки за ОБСЕ и нејзините земји-учеснички.

Треба да знаете
Последни објави