Search

Герапетритис: Грција има должност како најстара земја членка на ЕУ да го води регионот кон европска интеграција

Како најстара земја-членка на ЕУ во регионот, наша должност е да го водиме Западен Балкан на неговиот пат кон европската интеграција, кон големото европско семејство, најбезбеден и најсигурен пат кон мир, стабилност и просперитетот кои се во најдобар интерес на нашите земји, на регионот и ЕУ, порача министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис во поздравното обраќање на меѓународната конференција за европската перспектива на регионот.

Шефот на грчката дипломатија се осврна на Солунската агенда од 2003 година, порачувајќи дека Грција веќе 20 години ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

-Сведоци сме на подемот на нови глобални економски сили во Азија, Африка и Блискиот Исток. Злонамерните дестабилизирачки актери го искористуваат ова нарушување и хроничните проблеми во регионот за да го зголемат нивното влијание на Балканот, додека руската инвазија на Украина обликуваше нова геополитичка реалност.  Ова носи нова итност за потребата да се исполни ветувањето од Солунската агенда. Во овие предизвикувачки времиња, силната, издржлива и инклузивна ЕУ е камен-темелник на мирот и просперитетот за европските граѓани, порача Герапетритис. 

Во однос на денешната конференција, истакна дека „се одржува во клучен момент“, а во следниот период, „проширувањето на ЕУ ќе биде на врвот на агендите на европските институции“.

-Ќе преземеме иницијативи и ќе ја поддржиме секоја идеја или предлог насочени кон ревитализација на процесот на проширување, правејќи го поконкретен, конзистентен и сигурен, истовремено  обезбедувајќи искрена посветеност од сите страни и јасна временска рамка за пристапување. Исто така, ќе продолжиме да промовираме иницијативи кои го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните и ги приближуваат регионалните општества и економии до ЕУ, рече шефот на грчката дипломатија. 

Се осврна и на регионалната соработка, ставајќи го акцентот на енергетската безбедност и на проектите на Грција како што се терминалот за течен природен гас во Александруполи и интерконекторите со Бугарија и Северна Македонија, „кои ја намалуваат регионалната и европската зависност од рускиот природен гас“. 

Треба да знаете
Последни објави