Search

По албанскиот, следуваат нови партии и во македонскиот политички блок, прва е Арсовска по неа и Димитриевски?

За само еден месец, во албанскиот политички кампус се појавија дури три нови политички субјекти и сите од нив се парламентарни.

Последна е партијата на пратеникот Скендер Реџепи Зејд кој ја напушти Алтернатива и ја основа Народно движење.

Пред него, партија основа и екс пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, но и некогашниот генерален секретар на БЕСА, Аријанит Хоџа.

Сите три нови партии имаат иста цел – да го сменат ДУИ од власт по повеќе од 20 години. 

Но, дали овој тренд на формирање полиитчки партии може да се преслика и во македонскиот политички блок?

Според информациите што кружат во јавноста, веќе е извесно дека тоа ќе се случи, можеби уште оваа есен.

И Димитриевски и Арсовска ќе ловат гласови?

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски веќе одамна најавува дека неговото движење За наше Куманово ќе прерасне во политичка партија на што му претходи процес на отворање канцеларии на движењето низ неколку македонски градови. 

Кумановскиот градоначалник се почесто во јавноста излегува со свои ставови за централни политики, фокусирајќи се пред се на незадоволни членови на СДСМ, партијата од каде потекнува.

Своја партија, планира и скопската градоначалничка Данела Арсовска, која според пишувањата на Фокус.мк  веќе започнала постапка за собирање потписи за регистрација на партија, која би се викала Правда, сега за сега со седиште во скопската населба Ѓорче Петров. 

Според информациите во јавноста во оваа партија би влегле незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ но и долгогодишни бизнисмени, пред се од Скопје. 

Пред неколку месеци во јавноста беше актуелна тезата дека постои можност за обединување на Арсовска и Димитриевски, кои наводно засилени од скопските градоначалници Курто Дудуш и Стевче Јакимовски би требало да создадат сериозна политичка структура, но засега делува дека тоа е тешко остварливо.

Откако станува јасно дека есенва нема да има предвремени парламентарни избори, очекувано е новите партии да го искористат овој период за организација и подготовки за изборите следната година. 

Очигледно дека на следните парламентарни избори ќе се случува вистински метеж на изборните листи, а ќе биде особено интересно да се види како новите политички партии би се поставиле, но и каков би бил одговорот на најголемите партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. 

Треба да знаете
Последни објави