Search

Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023-2026)

Јавна расправа за Нацрт-стратегијата за транспарентност на Владата (2023 – 2026) ќе се одржи денеска во организација на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење и Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис.

На јавната расправа воведни обраќања ќе имаат вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари и Адријана Лавчиска од Фондацијата Отворено Општество – Македонија, додека Нацрт-стратегијата ќе ја презентираат Ирена Бојаџиевска и Наталија Шикова, експертки за подготовка на нацрт-стратегија за транспарентност.

Како што наведува Генералниот секретаријат на Владата, целта на стратегијата е да ги поврзе и усогласи веќе донесените политики кои на директен или индиректен начин треба да ја подобрат транспарентноста на институциите, но треба да даде и нови насоки за подобрување на транспарентноста на институциите.

Нацрт-текстот е резултат на работата на работната група за подготовка на Стратегијата за транспарентност составена од претставници на граѓанските организации, медиумски и академски претставници и институции, што е дел од поддршката која Фондација Метаморфозис ја дава во рамки на соработката со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење и преку проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ што го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

-Со креирањето на овој стратешки документ, правилата за комуникација на институциите со граѓаните и начелото на транспарентност ќе бидат операционализирани и унапредени, истакнува од Генералниот секретаријат.

Стратегијата за транспарентност на Владата со акциски план е планирано да се спроведе во период од 2023-2026 и е замислена како продолжение на позитивните практики на соработка и активна транспарентност воспоставени со претходната Стратегија.

На јавната расправа е предвидено учество на претставниците на државните институции, на граѓанското општество, медиумските работници, бизнис секторот и сите заинтересирани, со што ќе се даде придонес кон финализирање на текстот на стратегијата за транспарентност и акцискиот план. 

Треба да знаете
Последни објави