Search

Пронајдени се телата на уште две жртви од невремето во Шпанија

По силното невреме што ја погоди Шпанија за време на викендот, телата на двајца од исчезнатите се извлечени од водата по петдневна потрага во Алдеа дел Фресно, западно од Мадрид, соопштија денеска службите за итни случаи, пренесува ДПА.

Телата се пронајдени на само околу 200 метри оддалеченост, со што бројот на загинати во невремето се искачи на седум лица.

Иако допрва треба да се утврди конечната идентификација, нема сомнеж дека тоа се двајцата мажи пријавени за исчезнати, велат тие.  Едниот е 83-годишен маж кој боледувал од Алцхајмерова болест, а другиот е татко кој патувал со сопругата и двете деца. Нивниот автомобил беше однесен од водите на реката Алберче, која се излеа од своето корито. Сопругата и двете деца преживеаја.

Во Толедо, 54-годишна жена сè уште се води како исчезната, соопштија службите за итни случаи.

Во текот на викендот Шпанија беше погодена од невреме со силен ветер, дожд, молњи и град. Летовите беа одложени, а железничките услуги прекинати, оставајќи стотици патници заглавени на железничките станици.

Затворени беа многу патишта, улици и паркови, а огромен број куќи и гаражи се поплавени со вода и кал. Паднаа делови од фасади на згради, и дрвја беа откорнати.

Треба да знаете
Последни објави