Search

Ако нема внатрешни блокади можеме да влеземе во ЕУ и пред 2030 година, смета Пендаровски

Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска од Охрид порача дека ако нема внатрешни блокади, возможно е Македонија да стане членка на ЕУ дури и пред 2030 година. 

„Без внатрешни опструкции какви што гледаме кај македонската опозиција, можно е да влеземе во Европската Унија и пред 2030 година. Во насока на тоа се и зборовите на министерката за Европа во администрацијата на францускиот претседател Макрон, која рече дека може некоја од земјите на Западен Балкан да влезе и пред 2030 година, порача Пендаровски.

Пендаровски дополни дека францускиот претседател Емануел Макрон, никаде нема кажано дека земјите од Западен Балкан не треба да станат дел од ЕУ. 

„Макрон на почетокот на својот говор, специфично во делот каде што зборува за внатрешно преуредување на ЕУ вели: ‘ова што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување пред проширување или продлабочување заедно со проширување. Во меѓувреме нема ниту една изјава на претседателот на Макрон во која вели дека Западниот Балкан, додека не го направиме продлабочувањето, не треба да влезе. Знаете дека Франција беше спонзор за европската преговарачка рамка којашто ја усвоивме лани. Дека е тоа така потврдуваат и зборовите на министерката за европа во администрацијата на Макрон. Се потврдија и зборовите на Шарл Мишел, кој е највисок политички пријател на Макрон. Секоја голема идеја во Европа што Макрон ја промовира, Шарл Мишел ја прифаќа“, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на уставните измени, Пендаровски го повтори ставот дека не гледа како тоа би ја загрозило Македонија.

„Имаме седум народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест? Како тоа ќе ја загрози Македонија? Ако имаш политички причини, чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт, а потоа да му ја мислиш за Европа и две-третини Устав, тоа е друга работа. Тука не станува збор за стратешко, туку за теснопартиско размислување кое се судира со стратешките интереси на Македонија“, порача претседателот Пендаровски.

Треба да знаете
Последни објави