Search

Протести пред депонијата Дрисла, граѓаните бараат современа депонија

Граѓани денеска протестираа пред депонијата „Дрисла“ која се наоѓа во скопското село Батинци барајќи современа депонија по европски стандарди. Протестот беше организиран од граѓанската иницијатива „Младината на Батинци“.

– Оваа депонија многу одамна ги надминала своите граници за тоа што беше предвидена. Треба да се прекопа целата депонија, да се затвори целото старо ѓубре што се уште тлее и се уште создава метан додека гние, да се затвори со посебни мембрани што се користат во Европа и во современите земји и на тие места после десетина години никнуваат интересни и многу модерни и урбани паркови каде што нема никаква смрдеа, миризба и никакво загадување, изјави еко активистот Тони Никушевски.

Информираше дека пред четири години протестирале пред истата депонија и дека оттогаш имало многу ветувања, меѓутоа дека ништо не е направено, освен што бил донесен еден стерилизатор што третира мал дел од медицинскиот отпад, но и тој отпад оди во нестандардна депонија.

Сених Бреќевиќ од здружението „Младината на Батинци“ нагласи дека протестот нема политичка позадина. Целта, според него, е да се повикаат институциите да помогнат да се направи современа депонија. Најави дека протестите ќе продолжат доколку не се најде конкретно решение.

– Во последните три години имаме голем број на пациенти болни од рак и белодробни заболувања. Во тој период имаме 8 смртни случаи само од една амбуланта и 12 тешко болни од рак. Не трујат со медицински отпад, со разни хемикалии кои се фрлаат нелегално спакувани. Велат дека има филтер, но оваа наша депонија нема, рече Браќевиќ.

Ги повика и сите невладини организации да се приклучат на следните протести што ќе ги организираат доколку власта нема слух на нивниот проблем. 

Од здружението го повикаа директорот на депонијата на 29 август да присуствува на состанокот што ќе се одржи во канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави