Search

На Касами му стигна покана за на суд за пречекот на Курти без државното знаме

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами на својот фејсбук профил објави дека му стигнала покана за во Основниот суд Тетово во врска со дочекот на премиерот на Косово Албин Курти. Во неа пишува дека тој не постапил согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната и не била интонирана државната химна.

„На ден 11.08.2023 година на градскиот плоштад при организираниот дочек на странска делегација и претставници на Владата на Косово предводена од Албин Курти при самото доаѓање на градскиот плоштад на поставена бина беше интонирана химната на Албанија при што не беше интонирана химната на РС Македонија. Воедно на бината каде што се одвиваше манифестацијата истакнати се знамиња на Р. Косово и Р. Албанија без притоа да се истакне државното знаме на РС Македонија. Горе пријавеното правно и одговорно лице во правно лице не постапиле согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РС Македонија при што при официјалната посета на странската делегација не ја интонирале државната химна како и не го истакнале државното знаме на РС Македонија“, стои во поканата на Основниот суд Тетово до Касами.

За поканата за на суд во која тој е обвинет за прекршок, Касами вели дека тоа е само уште еден обид за заплашување и молчење.

„Уште еден обид за заплашување и молчење, што ме прави да разберам колку се плашат од албанската опозиција. Со овие дела ни ја зголемувате храброста. Повторувам, времето на заплашување и уцена на Албанците е мртво, како што умира и вашиот режим. Тоа го должиме само на граѓаните и на овој народ, бидејќи за вакви режими не се плашевме ниту во комунистичката ера ниту сега. Вашето време истече“, напиша Касами.

Од 11 август СВР Тетово го бара и човекот кој вееше знаме со карта на т.н.Голема Албанија.

Треба да знаете
Последни објави