Search

Уставните измени во финална фаза – ќе има напредок кон ЕУ или нова изолација?

Денеска во Собранието започнува расправата по однос на предложените измени на Уставот, со кои дел од бугарскиот народ треба да се додаде во Преамбулата.

Според Деловникот, дебатата по однос на измените може да трае најмногу десет работни дена, но точката за измени не мора да се стави на гласање веднаш откако ќе се исцрпи дискусијата.

Позициите со кои ќе настапат парламентарното мнозинство и опозицијата се уште се непроменети и останува да се види дали опозицијата, а пред се ВМРО-ДПМНЕ може во последен момент да се премисли.

Уставните измени се обврска на Македонија во Преговарачката рамка и од нивното носење зависи отворањето на поглавјата.

Веднаш откако ќе се усвојат измените на Уставот ќе се одржи Втората меѓувладина конференција и отворање на првите поглавја.

Ако измените не се донесат, тогаш рампата кон ЕУ привремено ќе се спушти, се до моментот додека не се исполни условот за носење уставни измени.

Колку ќе биде тоа „привремено“ ќе зависи од волјата, пред се на опозицијата дали ќе даде поддршка на измените на Уставот.

Но додека Македонија расчисти со себе дали е за продолжување на европскиот пат, Албанија ќе продолжи со евроинтегративниот процес и нашата држава тогаш би вратила неколку чекори назад и би се нашла во друштво на Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија заедно со Србија и Црна Гора ќе се надева на брзо затворање на поглавјата.

Блокадата на евроинтеграциите многу лесно може да го распламти национализмот, а поделбите, тензиите и инцидентите кои беа белег на некои минати времиња, одново може да бидат наше секојдневие.

Лимбото во кое ќе се најде државата ќе придонесе и за нов бран за масовно иселување, што дополнително ќе го зголеми недостигот на работна сила, што само по себе негативно ќе влијае врз економскиот раст.

Речиси 80 отсто од граѓаните во сите анкети се за влез во ЕУ, останува да видиме дали тој процент ќе се преслика и во Собранието или пак ќе следуваат нови политички кризи во ионака кревката македонска демократија.

Треба да знаете
Последни објави