Search

Премиерот Ковачевски ќе се обрати на денешната 123-та седница на Собранието на Република Северна Македонија

Ве информираме дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати на денешната 123-та седница на Собранието на Република Северна Македонија на која ќе се дискутира по предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија.

Цврсто веруваме дека денеска како држава ќе го направиме првиот одлучен чекор кон посакуваниот напредок на Северна Македонија, ќе застанеме гордо и ќе ја искористиме историската шанса за остварување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.

Денеска е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака државата да стане просперитетна држава, земја-членка на ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните.

Денес пред пратениците ќе биде образложен предлогот за уставни измени кој е јавно достапен и од кој сите граѓани може да видат и да се уверат дека станува збор за измени кои го унапредуваат Уставот, кои не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање, а кои го отвораат патот кон ЕУ.

Очекуваме сите 120 пратеници да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да обезбедат подобра иднина за сите граѓани чии претставници се тие.

Граѓаните на Република Северна Македонија сакаат да живеат во ЕУ. Токму затоа и токму денеска пратениците ќе имаат можност преку аргументирана и издржана дебата да обезбедат национален консензус за уставните измени, за европската иднина на Северна Македонија исполнувајќи ги обврските од преговарачката рамка со кои ќе се овозможи продолжување по европскиот пат и отворањето на кластерите и поглавјата во рамки на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО, да биде и полноправна членка на Европската Унија. Пред нас е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година.

Гласот за Европа е глас за подобра македонска иднина. Од сите пратеници зависи дали ќе дадат придонес во остварување на генерацискиот сон или ќе ја втурнат земјата во изолација и десетици години неизвесност.

Повикуваме на разум и одговорност.

Треба да знаете
Последни објави