Search

Хрватските навивачи би можеле да останат во притвор во Грција и до 18 месеци

Следната недела ќе бидат познати резултатите од примероците од ДНК собрани од 105-те уапсени хулигани кои предизвикаа нереди во Атина.

Собраните примероци од уапсените ќе се споредуваат со оние пронајдени кај убиениот 29-годишник за да се утврди дали еден од нив е убиецот. Според информациите од полицијата, пишуваат грчките медиуми, наредната недела ќе бидат објавени податоци за околу 60 предмети кои по нередите беа одземени и собрани околу стадионот на АЕК.

Властите ја фокусираа својата истрага на два ножа на преклопување, кои беа идентификувани и запленети и се сметаат за клучни докази во случајот. Во меѓувреме, додека трае истрагата, сите тие се во истражни затвори.

Распоредувањето во грчките затвори е завршено, а уапсените Хрвати таму ќе го чекаат крајот на истрагата. Притворот може да трае до почетокот на судењето, најмногу 18 месеци. Тој автоматски се разгледува по шест месеци, а адвокатите имаат можност да бараат ослободување. Но, тоа ќе почека.

„Го чекаме крајот на ДНК анализата, анализата на трагите на предметите и видеонадзорот, како и содржината на мобилните телефони. Кога ќе го добиеме сето тоа, ќе видиме што можеме да докажеме и потоа ќе одиме на суд и ќе бараме ослободување, можеби со услови како кауција, забрана за напуштање на државата или пријава во полиција“, вели Христос Салатас, грчкиот адвокат на двајцата приведени Бојс, пишува Н1.

По истрагата, одбраната има право да одговори на сите обвинувања во рок од 10 дена, а потоа судскиот совет го разгледува обвинението и одлучува кој и за кое дело оди на судење. Така што во моментов се отворени опциите некои од навивачит да завршат само со прекршоци, јавуваат хрватските медиуми.

„Верувам дека фазата на истрага брзо ќе заврши. Ги разбирам чувствата на семејството на убиениот грчки навивач, но и загриженоста на хрватските семејства, но Грција е земја на владеење на правото, некои случаи се потешки и комплицирани од другите, но на крајот верувам дека ќе ја достигнеме целта, а тоа е да ја најдеме вистината. И мислам дека нема да потрае премногу“, смета Салатас.

Во исто време, Хрватска бара сите приведени Хрвати во 21 затвор да бидат безбедни. Некои од нив пријавиле закани и ќе бидат преместени во други институции, а премиерот Андреј Пленковиќ е во контакт со својот грчки колега.

Но, освен политички разговори и давање конзуларна помош за притворените и нивните семејства, хрватската влада не може да направи ништо друго.

Во правна смисла, владата не може да се меша во работата на грчките независни институции, а на маса теоретски е и можноста за преземање на кривично гонење. Но, Хрватска не одлучува за тоа и во овој момент е тешко да се поверува дека Грција би и препуштила на Хрватска, се согласуваат дел од адвокатите.

„За оваа можност е потребна согласност од двете земји, но имајќи предвид дека и Грција и ние сме во Европската Унија, и дека злосторствата се извршени таму, реално е судењето да се одвива таму“, изјави адвокатот Фран Олујиќ.

Треба да знаете
Последни објави