Search

Ќе го премисли ли Манифестот Мицкоски за ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени?!

СДСМ заедно со ДУИ достави Манифест со кој се бара заедништво во утврдувањето на позициите на државата во процесот на преговори за членство во ЕУ.

Со овој потег владејачките партии се надеваат дека ќе успеат да го убедат Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка на уставните измени и тие веќе во наредните месец два да бидат изгласани.

„Откако уставните измени се јавно објавени и откако никој, вклучително и ДПМНЕ не е против нивната содржина, време е за глас за Европа во македонското Собрание. Ајде заедно да го усвоиме овој Манифест, да дадеме поддршка на уставните измени и да ја обезбедиме европската иднина на нашата држава“ повика од Собранието портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Но, од опозициската партија излегоа со тврдење дека тие се уште не го добиле Манифестот и дека откако ќе го добијат, ќе се произнесат по него додавајќи дека ако имало нешто суштински, ќе било разгледано и од партиските тела и органи.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски истакна дека „СДСМ и ДУИ покажуваат отсуство на целосен капацитет за градење на консензус“ што би значело дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со предложениот Манифест.

Сепак, се чини дека вратата во ВМРО-ДПМНЕ за овој документ не е целосно затворена, што дава надеж дека двете најголеми македонски партии можеби и можат да се сложат макар за една работа во последните месеци.

Секако и доколку евентуално Манифестот биде прифатен од страна на ВМРО-ДПМНЕ тоа не значи дека партијата по автоматизам би гласала за уставни измени, но сепак таков потег би значело некакво приближување на ставовите кои сега се дијаметрално спротивни.

Она што е особено значајно е што власта се обидува да го одржи жив процесот на дијалог со опозицијата, а дали овој Манифест ќе го премисли Мицкоски за прво да го поддржи а потоа и се сложи на носење уставни измени, на крајот, зависи од него и од раководството на неговата партија.

Треба да знаете
Последни објави