Search

Кадетите ја преслуша Австрија на СП!

Македонија оствари победа во вториот и последен натпревар од главната фаза на Светското првенство за ракометари до 19 години, со што се осигура дека не може да биде пониско од 12. позиција на конечниот поредок. 

Избраниците на Раде Стојановиќ денеска го потврдија својот квалитет против селекцијата на Австрија, совладувајќи ја со 29-22 со сигурно и самуверено издание. Со тоа дојдовме до првите два бода во групата од главната фаза, кои се доволни да го освоиме третото место, пред Австрија, а зад Норвешка и Данска од кои претрпевме порази.

Според системот на натпреварување, третопласираните репрезентации од четирите групи во главната фаза ќе се сретнат меѓу себе во разигрување за пласман од 9. до 12. место. Во своевидното полуфинале, Македонија ќе се судри најверојатно со Унгарија, в четврток, а потоа со евентуална победа ќе оди на подобриот од Чешка – Иран/Германија во борба за 9. место.

Денешната претстава демонстрира карактер и константност на македонската репрезентација, без разлика што вчера загуби убедливо од Данска. Изедначени беа само првите 10 минути од мечот, кога се играше гол за гол, но потоа дојде на сцена гранитната одбрана, која осум минути не прими гол. Тоа беше основа за една серија од 3-0, за потоа полувремето да го завршиме со уште една невозвратена низа со 5-0.

Вториот дел почна со 14-8 за Македонија, па нашите надежи само ја одржаа предноста со оптимално комбинирање на силите на теренот. Мирче Калајџиески со своите шест гола беше прогласен за играч на натпреварот, а шест постигна и Ненад Белистојановски. Пет додаде Давид Димевски, а Давид Брестовац запиша шест одбрани.

Треба да знаете
Последни објави